ЕРДОГАН ЗА СМРТНАТА КАЗНА: ЗОШТО ДА ГИ ДРЖАМ СО ГОДИНИ ВО ЗАТВОР И ДА ГИ ХРАНАМ

0
1673

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган своето прво интервју по неуспешниот воен пуч го даде за Си-Ен-Ен. Во разговор со репортерката Беки Андерсон не сакаше да ги демантира најавите дека неговата земја повторно ќе ја воведе смртната казна, за да се пресмета со илјадниците учесници кои се теретат за учество и организирање на неуспешниот удар. Според последните информации, приведени се речиси 9 000 луѓе.

„Овде очигледно имаме злосторство и велепредавство“, рече Ердоган.

„Но, секако, Парламентот за тоа ќе мора да донесе одлука во смисла на уставни измени, политичките лидери ќе се сретнат и ќе разговараат за тој предлог и ако помине, тогаш конечно и јас, како претседател, ќе го ставам својот потпис на одлуката на Парламентот“, додаде Ердоган.

Европските лидери веќе го предупредија Ердоган дека Турција нема да може да стане членка на организацијата ако повторно ја воведе смртната казна. Последна во низата на претставници која го изнесе своето предупредување е шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.

Судејќи според одговорите кои Ердоган ги даде за Си-Ен-Ен, тој воопшто не се спротивставува на смртната казна, пишува„Јутарнји“.

„Зошто да ги држам сите по затворите и уште со години да им давам храна? Тоа народот ми го кажува“, вели Ердоган.

„Народот сака што побрзо да завршиме со ова, бидејќи на луѓето им се убиени роднини, соседи и деца. Тие многу патат, многу се чувствителни и затоа мора и ние да делуваме разумно и да сочувствуваме со нив“, изјави Ердоган.

По неуспешниот обид за воен пуч, тој вети дека сите соучесници во заверата скапо ќе платат за тој чин на велепредавство.

Ердоган не пропушти да каже во интервјуто за Си-Ен-Ен дека за неколку дена ќе им испрати на Американците формално барање за екстрадиција на муслиманскиот проповедник Фетула Ѓулен, неговиот поранешен сојузник, кој избега во Америка.

На прашањето, што ќе се случи ако му го одбијат барањето, Ердоган се повика на договорот за екстрадиција кој е потпишан помеѓу Туција и САД.