Пробиштип е првиот град во Македонија кој организирано компостира отпад

0
886

Проектот БИООТПАД или  Utilizing Pay As You Throw System and Autonomous Composting Units for Biowaste Management in Touristic Areas – BIOWASTE”, е меѓународен проект кој веќе трета година се спроведува во општина Пробиштип под раководство, стручна и академска пракса на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Проектот е финансиран од програмата за транснационална соработка Интерег Балкан – Медитеран 2014-2020 и во него се вклучени уште општина Катерини од Грција како водечки партнер, општина Јермасоја од Кипар и Технолошкиот институт од Крит. Целокупната вредност на проектот е 1 300 000 евра. Покрај инсталацијата на висококвалитетни иновативни компостерски единици за преработка на остатоци од органски отпад до органско ѓубриво – компост значењето на овој проект е и во промената на навиките на населението – пионерски чекори во селектирање и сепарација на отпадот, особено остатоците од храна кои наместо да завршуваат на депониите ќе завршат во компостерките. Другата цел опфатена со проектот покрај заштитата на животната средина е и намалувањето на трошоците за ѓубрарина која во иднина може да се наплаќа по принципот – плаќај колку што создаваш отпад.

За овој проект разговаравме со м-р Дијана Насева менаџер за квалитет и визибилност за проектот за УГД и општина Пробиштип

Разговараше – Верица Јорданова

Кажете ни за функционирањето на компостерските единици на шведската фирма „БИГХАНА“ кои веќе се распоредени на две локации во Пробиштип?

Благодарение на овој проект за општина Пробиштип набавени се две автономни единици за компостирање со капацитет од по 60 тона годишно на реномираната шведска фирма БИГХАНА која слободно можам да кажам дека е лидер на пазарот за производство на ваква опрема. Согласно претходна евалуација на теренот на експертските лица и критериумите на проектот – најголеми создавачи на органски отпад се угостителски објекти и домаќинства, едната компостерка е поставена во централното градско подрачје во близина на хотели, ресторани и градскиот пазар а другата е наменета за домаќинствата  и поставена во една од најголемите урбани заедници – Калниште. Во декември минатата година беа инсталирани компостерките и беше спроведена обука за нивно користење од страна на претставничка од фирмата БИГХАНА Сесилија Ек од Шведска и претставник од нивната подрачна единица од Софија, Бугарија Константин Тумбалов. Станува збор за исклучително квалитетни и корисни машини кои работат компостирање во еден сосема затворен процес без никакво штетно влијание врз животната средина.

Проф. Др. Марија Хаџиниколова

Што друго досега е направено во рамките на проектот и кои се ефектите?

Проектот се движеше низ неколку етапи. Најпрво беше формиран тимот за управување и реализирање на истиот, потоа голем број на јавни набавки (избор на технички лица, експерти, набавка на компостерки, набавка на канти за отпадоци со чипови, надградување на возилата за отпад на јавното комунално претпријатие..) и на крај сумирање на резултати од кои беа објавени брошури на македонски и англиски јазик, еден научен труд и беше организиран инфо ден. Направени беа повеќе обуки помеѓу локалното население и увидовме голема заинтересираност да бидат дел од проектот и дел од генерациите кои поинаку ќе се однесуваат кон животната средина. Овие ефекти кај населението покрај овие од спроведувањето на проектот би сакале да останат како трајни вредности и во иднина во оваа општина, а овој пилот проект во Пробиштип би можел да биде иницијална каписла за спроведување на вакви проекти низ останатите општини во нашата држава. Управувањето со цврстиот отпад претставува значаен проблем во Република Северна Македонија, особено во период кога земјата прави значајни чекори за приближување кон ЕУ. Ни претстои период на усогласување со бројните Директиви и Регулативи на ЕУ а во оваа област усогласување со Рамковната директива за отпад (98/2008) која налага 10% од органскиот отпад произведен во секоја општина да биде селектиран и соодветно третиран уште на местото на неговото создавање. Уште ако и селектирањето и сепарирањето на отпадот и свесноста на индивидуата за нејзиното секојдневно зачувување на животната средина остане како траен ефект тогаш сме ја постигнале големата слика и примарната цел на БИООТПАД.

Проф. Др. Дејан Мираковски

Може ли да направите споредба како проектот се реализира во Македонија, а како во Грција и Кипар?

Во постојаната комуникација со нашите партнери од Грција, Кипар и Крит реализацијата на проектот е со исти интензитет и иста динамика во сите општини во кои се спроведува. Со мали кочници и падови со оглед на Ковид 19 состојбата во светот очекуваме во септември да го затвориме проектот кој ќе ги оправда средствата и ќе ги исполни зацртаните цели во сите општини а на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и на Техничкиот институт во Крит ќе им овозможи одлични параметри за понатамошни истражувања и соработки.

Може ли да објасните кои се клучните придобивки од компостирањето на биоотпадот?

Компостирањето во себе ги обединува трите одржливи начини на управување со отпадот, односно придонесува за намалување на количините на отпад, повторна употреба на отпадот и негово рециклирање. Всушност компостирањето претставува еден од најстарите начини на рециклирање на отпад и добивање на висококвалитетно органско ѓубриво – компост. Неговата примена е повеќекратна а најзначајната улога му е во збогатувањето на почвата со органски материи кои претставуваат храна за живите организми. Со компостирање штедиме и ја штитиме животната средина. Добиениот компост во овој проект е анализиран во универзитетската лабораторија УНИЛАБ при што се добиени одлични параметри за квалитетот на компостот.

Проф. Др. Ѓорги Димов

 Што понатаму?

Автономните компостерски единици остануваат во трајно користење на јавното комунално претпријатие во општина Пробиштип каде ќе продолжи да се спроведува досегашната пракса за потребите на проектот БИООТПАД со апсолутна поддршка од градоначалникот г-н Драган Анастасов. Свесноста на жителите за потребата од намалување на количествата отпад останува да се дисперзира помеѓу населението како добра пракса. Трансферот на знаење академија – општина – јавно претпријатие – население би бил одличен модел во понатамошната соработка со други општини и претпријатија. Благодарение на овој пилот проект Факултетот за природни и технички науки и Економскиот факултет при УГД Штип можат да бидат препознаени како идни партнери за останатите општини во нашата земја но и како модел за интегрирана соработка на идни вакви меѓународни проекти.