ПРИВЕДЕНИ СЕ ПЕТ ЛИЦА ПОВРЗАНИ СО ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА 14 – ГОДИШНАТА ВАЊА

0
752

Синоќа доцна во ноќта се работеше исто така интензивно, имаме приведено 5 лица и обезбедено едно возило со коишто се продолжува понатаму работењето. Тоа е нешто плус што го преземавме во однос на сето она како доказ или трага, со цел да дојдеме до целосно расчистување на овој случај, изјави Спасовски.

Пет лица се приведени доцна синоќа поврзани со случајот на исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска, истрагата има напредок, но во интерес на истрагата не може повеќе да се дадат информации, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, додавајќи дека предвременото соопштување на детали носи големи проблеми.

„Синоќа доцна во ноќта се работеше исто така интензивно, имаме приведено 5 лица и обезбедено едно возило со коишто се продолжува понатаму работењето. Тоа е нешто плус што го преземавме во однос на сето она како доказ или трага, со цел да дојдеме до целосно расчистување на овој случај“, изјави Спасовски.

Вања исчезна пред 6 дена, во понеделникот, кога околу 7.30 часот излегла од својот дом во близина на Градскиот парк за да оди на училиште. Мајката го пријави исчезнувањето еден час подоцна, откако класниот раководител ѝ јавил дека девојчето не е стигнато на училиште.

Во потрагата се вклучи и Интерпол, a МВР формираше и стручен штаб.

Вчера Спасовски рече дека од електронските уреди кои се прегледани во истрагата, полицијата добила корисни податоци кои може да помогнат во решавањето на овој случај. Преземени и прегледани биле повеќе од 50 камери, сите податоци од Телеком операторите коишто можат да бидат важни, како и електронските уреди од девојчето и семејството. Исто така, биле сослушани десетици лица.

„Веќе имаме одредени податоци од овие електронски уреди коишто можат да бидат од корист на истрагата и целата оваа постапка. Секојдневно сме во комуникација или работиме заедно со родителите и со семејството“, рече тој.

Во меѓувреме, се пребарувало и речното корито на Вардар и сите подрумски простории не само во околината, туку и пошироко.