ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ СЕ ВРАЌААТ НА СКОПСКИТЕ УЛИЦИ – ТОА ТРЕБА ДА ГИ НАМАЛИ ЧЕКАЊАТА И ГУЖВИТЕ

0
782

Решенијата се веќе потпишани, правосилноста е веќе настаната и на почетокот на неделава, приватните превозници ќе се вклучат во сообраќај – најави градоначалничката Арсовска.

Приватните автобуски превозници од утре треба да се вклучат во сообраќај, со што ќе се зголеми бројот на возила во јавниот градски превоз. Со тоа ќе се намали и метежот во нив, а воедно граѓаните повеќе нема да чекаат со часови на автобуските постојки – велат од Град Скопје.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска минатата недела ги потпишала решенијата по огласот за доделување пакет-линии за вклучување на приватните превозници во јавниот градскиот превоз.
– Решенијата се веќе потпишани, правосилноста е веќе настаната и на почетокот на неделава, приватните превозници ќе се вклучат во сообраќај – најави Арсовска.

Со последниот оглас, кој беше објавен по четврти пат, се бараа превозници за три пакети линии. Во првиот пакет беа опфатени линиите со броевите „23“, „45“, „61“, „63“ и „73“, за чие опслужување се потребни најмалку 35 автобуси и 76 возачи. Вториот пакет се однесува на превоз на линиите „9“, „11“, „11а“, „12“, „47а“ и „55“. За автобусите да може редовно да сообраќаат на овие релации, потребни се 39 автобуси и 83 возачи. Третиот пакет ги опфаќаше линиите „19“, „20“, „22“, „52“ и „54“, за што се бараа вкупно 41 автобус и 87 возачи.Претходните огласи пропадна, како што велат од Град Скопје, поради нецелосна документација на приватните превозници.