ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ДАШТЕВСКИ СМЕТА ДЕКА БИ БИЛО ДОБРО ЗА ИЗБОРИТЕ ДА СЕ КОМПЛЕТИРА КОМИСИЈАТА

0
284

Одговарајќи на прашањето дали ќе биде проблем граѓаните со важечки документ со Република Македонија да гласаат на избори, Даштевски се надоврза на претходни информации објавени од МВР во кои било нагласено дека тие документи ќе важат.

Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски вели дека за нив не е од суштинско значење избирањето на седмиот член на Комисијата, но дека би било добро за избори да се комплетира ДИК и да работи во полн состав.За изборот на седмиот член на ДИК, Даштевски во дневникот на телевизија Сител, рече дека е во интерес на државата за „да не оставаме црна дамка пред очите на ОБСЕ и меѓународната заедница“.

– Јас не би навлегувал во политика. Сметам дека сепак ќе се избере седмиот член. Како што слушаме во јавноста, дека има доволно време да се усогласат ставовите и да се избере седмиот член. А, од друга страна и тоа го најави и идниот претседател на Собранието Јован Митрески, кој рече дека сигурно ќе се избере. Сметам дека и во интерес на државата, да не оставаме некоја црна дамка пред очите на ОБСЕ и меѓународната заедница, да се избере тој седми член и ДИК да функционира во полн состав. За тоа дека ќе се повлече албанската опозиција, претпоставувам дека се работи за тоа што треба да се почитува законот во целост и ние да причекаме дали ќе има таков предлог, што ќе има во предлогот и доколку се работи за неспроведување на Изборниот законик, за противзаконски работи, тогаш се знае постапката оди во Собрание. И што ќе се одлучи, ние ќе го прифатиме – рече Даштевски.

Доколку се комплицира работата, дали би се повлекле тој и другиот член на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ Бобан Стојаноски, Даштевски одговори дека во оваа работа не се работи за повлекување, туку следење на процедури за разрешување во Собранието.Во однос на најавите од албанската опозиција за блокади на избирачки места, Даштевски верува дека ќе се средат работите и ќе успееме да имаме регуларни демократски, фер и слободни избори.

– Сметам дека ќе се средат работите. Затоа што тоа би значело одење во сосема друга насока, некои црни сценарија, што не би требало да биде случај. Знаеме дека на последните неколку изборни циклуси фер и демократски беа изборите. Не би требало да дојдеме до таа граница што била на пример 99-та година, потоа за време на референдумот итн. Мислам дека сме ги надминале тие фази и дека ќе успееме да имаме регуларни демократски, фер и слободни избори – рече тој.

Одговарајќи на прашањето дали ќе биде проблем граѓаните со важечки документ со Република Македонија да гласаат на избори, тој се надоврза на претходни информации објавени од МВР во кои било нагласено дека тие документи ќе важат.

– Колку што слушнав од МВР, тие документи ќе важат. Тие лични карти доколку важат, ќе бидат прифатени и ќе важат. Сепак, 90 отсто од граѓаните ќе вадат документи и ќе можат да гласат на избори. И ќе можат со лични карти со старото име – рече тој.Даштевски, исто така, посочи дека се уште го прецизираат со ИТ компанијата начинот на изведување на гласањето со отисок од прст. Во однос на измените на Изборниот законик за ДИК по препораките од ОБСЕ/ОДИХР, рече дека се од техничка природа и кои, како што нагласи, ќе ни помогнат за полесно и поефикасно спроведување на изборите.