ПО ПРОМЕНАТА НА ИМИЊАТА НА УЛИЦИТЕ, ТЕШКО ДО НОВА ЛИЧНА КАРТА, ПРОЦЕДУРАТА УДИРА И ПО ЏЕБОТ НА ГРАЃАНИТЕ

0
692

Одат да извадат лична карта, но вратени се назад. Граѓаните кои живеат на една од 185-те преименувани улици, мораат да извадат потврда за живеалиште од Град Скопје. За издавање на потврдата потребен е нов имотен лист од Катастар кој се доставува до градските служби, а за уверението се чека повеќе од недела дена. Со тоа го губат терминот за вадење на лична карта.

Целата процедура ги празни џебовите на граѓаните. Настанува хаос поради некоординираноста на институциите. Од Министерството за внатрешни работи (МВР), кое е задолжено за издавање на личните карти, велат дека некои имиња на улици се сменети повеќе од три пати и затоа е најдобро град Скопје да дава уверение за точното име за да не настане грешка.

„Град Скопје донел одлука за промена на имиња на улици, по ажурирањето во централен регистар и добиеното известување во МВР доставено од централен регистар, МВР отпочна со примена на одлуката на Град Скопје и веднаш се соочи со проблем во примената на одлуката. На заеднички состанок со повеќе институции, како проблематични, се селектирани 185 улици кои и претходно претрпеле промена на име, односно една улица има и по три промени на име и од таа причина е одлучено Град Скопје да издава Уверение за точен назив на улица каде ќе бидат наведени сите претходни промени“, велат од МВР.

Универзитетските професори на став дека органите се должни меѓу себе електронски да си ги преземат податоците.

Слободен термин за вадење на лична карта нема најмалку месец дена.Оваа година поскапени се цените за издавање на лични документи, а и завршува рокот за нивна промена со новото име Република Северна Македонија.

Град Скопје на седницата одржана на крајот од март во 2021 година донесе одлука за измена на имињата на 485 улици на територијата на главниот град, а спорни останаа 185-те улици кои создаваат хаос при промена на личните документи.