ПОРАНЕШНИОТ МИНИСТЕР ИВО ИВАНОВСКИ ИМА НОВА ВИСОКА ФУНКЦИЈА – СТАНУВА ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР НА НОВАТА КОМПАНИЈА НА А1 ТЕЛЕКОМ

0
506

По седум години поминати во австрискиот телекомуникациски гигант А1-Телеком, а во последните шест како директор на секторот за меѓународни односи и ЕУ-регулативи во оваа компанија, Иво Ивановски ја презема функцијата извршен директор на новосоздадената компанија EuroTeleSites AG која ќе оперира со базните станици.

Групацијата А1 Телеком Австрија во текот на минатата недела потврди дека ќе го одвои бизнисот со базните станици од својата компанија, за што и ја создава посебната компанија, EuroTeleSites, и ќе ја котира компанијата на Виенската берза, почнувајќи од неделава.

-Во јуни, бордот на компанијата го назначи Иво Ивановски за извршен директор и Ларс Мосдорф за финансиски директор на EuroTeleSites AG, откако договорот беше официјализиран, објави компанијата.

Иво Ивановски кој беше дел од владиониот кабинет на екс-премиерот Никола Груевски, од 2008 до 2015 година раководеше со Министерството за информатичко општество и администрација, а откако ги напушти политичките води, неговиот професионален пат го врати во бизнисот со телекомуникациите и конкретно како еден од раководните кадри во Групацијата А1 Телеком Австрија.

Ова со јавноста го сподели и самиот Ивановски на својот Linkedin профил.

-После 7 години со А1 Телеком Австрија Групацијата, време е да се продолжи понатаму. Беше прекрасен период, исполнет со возбуда, радост и предизвици, објави Ивановски.

Тој вели дека на 22 септември 2023 година во 9:00 часот по средноевропско време на Виенската берза, ја претставуваат спин-оф компанијата EuroTeleSites AG.

-Продолжувам во новата компанија со мојата нова улога како извршен директор.

Ви благодарам Алехандро Платер и Томас Арнолднер за постојаната поддршка, лидерство и пријателство.

Благодарност на A1 Тимот за напорната работа и посветеноста на проектот Златна ера. Беше привилегија да се работи со такви едуцирани професионалци.

Ви благодарам América Móvil и ÖBAG за номинацијата. Почестен сум!, напиша Ивановски на својот профил на Linkedin.

Одлуката за одвојувањето доби јавна поддршка од двата најголеми акционери на А1: América Móvil и државниот австриски инвестициски фонд ÖBAG во февруари.

„Одвојувањето на базните станици од телекомуникацискиот бизнис ќе овозможи поефикасна распределба на капиталот и поголем капацитет на Телеком Австрија да ги прошири своите севкупни инвестициски планови“, посочија од América Móvil уште во февруари.

„América Móvil“ има мнозински удел во А1, со 51 процент, додека ÖBAG има 28,42 проценти од бизнисот.

А1 Телеком со седиште во Виена е европска единица на América Móvil и обезбедува дигитални услуги и комуникациски решенија под брендот А1 на околу 27 милиони корисници во Австрија, Бугарија, Хрватска, Белорусија, Словенија, Северна Македонија и Србија.

Трансакцијата вклучува 12.900 мобилни кули низ седум земји, при што акционерите добиваат акции во новата компанија пропорционално на нивните постоечки акционери.