ПОМИНУВАМЕ НИЗ ГОЛГОТА 25 ГОДИНИ ПОРАДИ БИЗНИС ИНТЕРЕСИ И КОРУМПИРАНИ ПОЕДИНЦИ, ВЕЛИ АНДРИЈАНА БАШОСКА КОЈА ПО СМРТТА НА НЕЈЗИНИОТ ТАТКО ЈА ПРОДОЛЖИ БИТКАТА ЗА ВРАЌАЊЕ НА ИМОТОТ ВО ГРАДИШТЕ

0
408

Сопствениците на атрактивниот имот покрај Охридското Езеро, Градиште, 25 години не можат да си го вратат имотот одземен од државата во 1957 година оти на нивните парцели сега е изграден познатиот автокамп Градиште.Семејството Башоски е едно од 36-те семејства од охридското село Пештани заглавени во процесот на денационализација. Нивното земјиште од 1.700 метри квадратни е на самиот брег од Охридското Езеро.

Барајќи ја правдата како барател на имотот во автокампот Градиште во Охрид, Андријана Башоска вели дека нема да се откаже оти нејзиниот, сега веќе покоен, татко ја започнал битката веднаш по носењето на Законот за денационализација во 1997 година.

„Мојот татко почина во 2016 година и оттогаш јас го преземам случајот. Видов дека таму се случуваат многу чудни работи и ги започнав сите законски процедури кои ми стојат на располагање. Додека татко ми беше жив вкупно 4 пресуди од Управен суд се донесени во негова корист и во сите пресуди стои дека земјиштето треба да се врати. Во последната додека татко ми беше жив стои дека АД ‘Инекс Горица’ има третман на узурпатор, а во сите останати дека немаат документ од овластен орган или институција за користење односно стопанисување на земјиштето. Државата треба преку институциите и органите да го отстрани узурпаторот. Страшно е да се живее со една ваква неправда. Ова е голгота низ кој поминуваме 25 години. Да знаете дека правдата е на ваша страна а не се спроведува е страшно“, кажува Башоска.

„Во Охридскиот суд се крие предметот и ден денес јас не можам да обезбедам правосилно наследно решение. Не ми го даваат“, кажува Башоска. – Автокампот Градиште (Фото: СДК.МК)Башоска се сомнева дека зад целиот случај стојат големите бизнис интереси и корумпирани поединци.„Во последната пресуда во 2019 година за мојот случај стои дека земјиштето мора да се врати и дека е потребно јас и мојот брат да доставиме правосилно наследно решение дека сме наследници на покојникот Наум Башоски. Оттогаш, а мојот оставински предмет започна 2017 година, се прават саботажи. Во Охридскиот суд се крие предметот и ден денес јас не можам да обезбедам правосилно наследно решение. Не ми го даваат“, кажува Башоска.

Таа сега започнува и судска борба против лицата кои и нанеле телесни повреди при протестите во 2021 година. За инцидентот кривична пријава е поднесена од СВР Охрид но и приватна кривична оти според Башоска инцидентот бил со умисла. Вели дека набилдани момци не случајно биле испратени таму.Во полицискиот билтен стои дека на 12.07.2021 година во СВР Охрид, 45-годишна жена пријавила дека за време на протестот на Здружението на граѓани „Оревче“ од селото Пештани, одржан на 11.07.2021 година кај автокампот „Градиште“, била физички нападната од две лица.

Судскиот процес за инцидентот требаше да започне во понеделникот но истиот се одложи. Оштетената Андријана Башоска која била нападната од две лица и притоа се здобила со скршеница на раката, допатува од Германија каде живее веќе 7 години но само за да слушне дека судењето се презакажува за 31 октомври. Известувањето било дека нема услови за судење.

 Башоска за САКАМДАКАЖАМ.МК раскажа дека на протестот била физички нападната од две лица од кои едниот, како што тврди таа, е управител на МКМ Нова Трејд, фирма која има потпишано 5 годишен договор, до 2024 година, за закуп со „Инекс Горица“ компанија која управува со автокампот. Додека траел протестот постојано имало вербални напади и навреди.

„Тоа беше трет по ред протест, се организираа секој викенд. Првите два поминаа во најдобар ред, без инциденти, без провокации но узурпаторот на Градиште. За третиот протест имаше најавено контрапротест оти сметаа дека ние им ја пореметуваме работата. Ние само сакавме да го привлечиме вниманието дека Градиште има узурпатор којшто без никакви документи го користи државното земјиште кое е во процес на денационализација и дека тој мора оттаму да се отстрани а пресудите да се спроведат односно земјиштето да се врати на вистинските баратели“, вели Башоска.Според неа, скршеницата ја добила оти луѓето кои биле дел од, како што ги нарекува, контрапротестот сакале да го паднат транспарентот кој таа го имала во рака.

„Ни беше кажано дека ќе пристигне организирана толпа. Во тој момент застанав на средина да внимавам да не дојде до инцидент оти нашите луѓе се повозрасни, изнемоштени луѓе коишто 25 години ја бараат правдата низ институциите во Македонија. Ми беше страв да не се случи нешто оти од наша страна имаше и емоции, ние тоа лично го доживуваме за разлика од другата страна каде исклучиво се бизнис интереси. Ја пратев ситуацијата, го држев транспарентот и во еден момент од позади некој ме турна, ми се одвлече левата рака и почувствував силна болка. Почнав да се дерам ‘во состојба сте да не убиете само да ни го земете земјиштето’. Не очекував такво нешто, безобразно и дрско. Сакаа да го паднат транспарентот кој беше 5-6 метри долг“, раскажува Башоска.

Башоска е нападната од две лица на еден од протестите и притоа ѝ ја скршеле раката. (Фото: СДК.МК)

Полицијата веднаш реагирала, направила коридор, а Башоска со Брзата помош завршила во болницата „Св. Еразмо“ каде што и била констатирана скршеница на раката.„Претрпев огромен стрес. Се опоравував неколку месеци, но последиците сѐ уште ги чуствувам. Немам стопостотна контрола на раката. Имам болки при промена на времето“, вели таа.

Од компанијата МКМ Нова Трејд сметаат дека се изнесени лаги и клевети за случајот со цел, како што се наведува во соопштението испратено три дена по инцидентот, нивно оцрнување во јавноста. Тврдат дека лицата наведени во пријавата поднесена од учесничка во охридската полиција, не сториле никакво кривично дело, бидејќи едното лице во тој момент било надвор од Охрид, а другото било на најмалку 4-5 метра оддалеченост од истата.

„Доколку имало било каков физички контакт или напад, зарем полициските службеници немаше да ги приведат „напаѓачите”? Веруваме дека надлежните органи ќе ги преземат сите потребни дејствија за што побрзо расчистување на инсценираниот настан, ќе утврдат кој и што презел, па оттука доколку утврдат било каква одговорност на наша страна спремни сме да ги сносиме последиците за тоа, но доколку утврдат нешто друго, тогаш бараме да поднесат соодветни кривични пријави за лажно пријавување“, стои во соопштението.

Од компанијата МКМ Нова Трејд, тогаш кажаа дека тоа е нивна последна реакција до конечно расчистување на последните настани низ судските инстанци.„Немаме намера да ја оптоваруваме јавноста со секојдневни изјави како што тоа го прават одредени лица и апелираме на воздржаност, смиреност и почитување на правата на секој еден граѓанин на оваа земја“, стои во соопштението за јавност.Башоска најави дека доколку има потреба правдата ќе ја бара во меѓународните судови.„Ќе ги поминеме инстанците кои се тука а потоа одиме на меѓународен суд, таму делот на правдата барем за човековите права се задоволува“, вели таа.

С.Вренцовска