ПЛУСИНФО: РУФИ ОСМАНИ КАНДИДАТ НА АЛБАНСКАТА ОПОЗИЦИЈА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ?

0
253

Доколку ДУИ не излезе со свој кандидат за претседател на претстојните претседателски избори, тогаш голема е веројатноста албанските гласачи во Македонија да гласаат за единствениот кандидат Албанец од редовите на опозицијата, а тоа би значело дека кандидатот на СДСМ би претрпел сериозен пораз, коментираат политичките аналитичари.

Поранешниот градоначалник на Гостивар и поранешен лидер на партијата Национална демократска преродба, Руфи Османи, е кандидатот со најголеми шанси за кандидат за претседател на државата од редовите на албанската опозиција. составена од Беса, Алтернатива и Демократско движење, дознава Плусинфо од партиски извори.

Но, прашањето што сега е од клучна важност е дали Руфи Османи ќе биде единствениот кандидат Албанец за претседател на претстојните претседателски избори, или, пак, ДУИ сепак ќе биде принудена да ѝ откаже љубов на СДСМ и да предложи свој кандидат, наместо да го поддржи Стево Пендаровски, кој најверојатно ќе се бори за втор мандат.

Ако албанската опозиција лансира свој кандидат, а тоа не го стори ДУИ, тогаш голем дел од гласачите Албанци би гласале за кандидатот Албанец, коментираат политичките аналитичари. Од друга страна, ако и ДУИ оди со свој кандидат, посочуваат експертите, тогаш би имало двајца кандидати Албанци, а би се загубила поддршката за кандидатот на СДСМ.

Кој е Руфи Османи?

Руфи Османи е доктор по економски науки, роден на 20 август 1960 година во гостиварското село Чајле.Во 1994 година беше избран за пратеник во Собранието на Македонија, а две години подоцна ја напушти пратеничката функција, бидејќи беше избран за градоначалник на Општина Гостивар. Функцијата со прекини ја вршеше до април 1997 година.

По цели 6 месеци институционално-демократски отпор во функција на легализирање на албанското знаме, за време на деветтојулските настани од 1997 година беше уапсен, а потоа осуден на 14 години затвор, односно на 7 години затвор во втората судска инстанца.

По усвојувањето на Законот за амнестија, во 1999 беше ослободен откако помина речиси 2 години во затвор.Во 2008 година, по 13-годишна политичка пауза се врати на македонската политичка сцена и учествуваше на локалните избори во 2009 година.

Во 2011 година, Османи во Скопје ја промовираше националистичката партија Националната демократска преродба.Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски во разговор за Плусинфо зборува за сите можни сценарија што би можеле да се случат доколку ДУИ предложи свој кандидат за претседател на претседателските избори, односно ако ДУИ не предложи свој кандидат и го поддржи кандидатот на СДСМ.

– ДУИ е во многу деликатна ситуација. Доколку албанската опозиција излезе со свој кандидат за претседател, а партијата на Али Ахмети го поддржи кандидатот на СДСМ и не излезе со свој кандидат, тоа ќе им даде дополнителна мотивација на самата албанска опозиција и на нејзините поддржувачи. Од друга страна, ДУИ ќе треба цела недела да тера кампања за кандидатот на СДСМ, а тоа е многу деликатно, бидејќи ќе се поврзе кампањата за претседателските со кампањата за парламентарните избори. Плус, самиот прв круг на претседателските избори е многу важен сигнал околу самиот рејтинг на политичките партии, па на него може да гледаме како на една голема политичка анкета. Во пракса, тоа значи дека тие што ќе постигнат поголем резултат на претседателските избори ќе добијат ветер во грбот за парламентарните избори, и обратно. Без разлика на актуелните рејтинзи, резултатите од првиот круг на претседателските избори многу ќе влијаат врз резултатите на парламентарните избори. Доколку изборите беа раздвоени и доколку не се одржуваа во ист ден, тогаш претпоставувам дека ДУИ без проблем ќе го поддржеше кандидатот на СДСМ. Но, сега се споени изборите и партијата на Али Ахмети се наоѓа во многу лоша ситуација – објаснува Божиновски.

НА БИХАЌКА СЕ СВЕСНИ ЗА СИТУАЦИЈАТА И МНОГУ ДОБРО ЗНААТ ДЕКА ЕВЕНТУАЛНАТА ОДЛУКА НА АХМЕТИ ДА ПРОМОВИРА СВОЈ КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ ЌЕ ЗНАЧИ ТЕЖОК ПОРАЗ ЗА СДСМ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ, КОЈ ДОПОЛНИТЕЛНО ЌЕ СЕ ОДРАЗИ И НА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ

Доколку ДУИ сепак не излезе со свој кандидат за претседател, додава тој, тогаш голема е веројатноста албанските гласачи во Македонија да гласаат за единствениот кандидат Албанец од редовите на опозицијата.

– Може да се случи голем дел од албанските гласачи да не излезат на изборите, но тие што ќе излезат дефинитиво ќе гласаат за кандидатот Албанец. Зошто некој би очекувал албански гласачи да гласаат за кандидат на СДСМ кога веќе им е понуден кандидат Албанец? Од друга страна, пак, доколку и ДУИ сепак одлучи да излезе со свој кандидат за претседател, а истото го стори и албанската опозиција, тогаш тоа ќе претставува дополнителен удар за СДСМ. Тоа е најлошото сценарио што може да ѝ се случи на партијата на Димитар Ковачевски. Сето она што се случува во изминатиот период и сета таа сервилност на СДСМ кон коалициските партнери, особено кон ДУИ, е базирано на таа молба за поддршка на кандидатот за претседател. На Бихаќка се свесни за ситуацијата и многу добро знаат дека евентуалната одлука на Ахмети да промовира свој кандидат за претседател ќе значи тежок пораз за СДСМ на претседателските избори, кој дополнително ќе се одрази и на парламентарните избори – вели Божиновски.

И поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини за Плусинфо коментира дека ДУИ нема да може да ги натера албанските гласачи да гласаат за кандидатот на СДСМ ако истовремено им се нуди можност да гласаат за кандидат Албанец од редовите на опозицијата.

– Според искуството од досегашните претседателски избори во земјава, една појава е константна: мал број Албанци гласаат во вториот круг за избор на претседател на државата. Обично во првиот круг бројот на албански гласачи е голем затоа што албанските политички партии ја користат можноста за меѓусебно да си ја измерат силата. Веројатно се сеќавате дека Али Ахмети се фалеше со победата на Стево Пендаровски на претходните претседателски избори, но тогаш дојде тогашниот премиер Зоран Заев и му ја затна устата со тоа што јавно кажа дека Пендаровски не е избран со гласовите на Албанците во земјава. Во моментов, сите секојдневни скандали и афери ги ставаат СДСМ и ДУИ во една многу тешка ситуација – изјави Хајредини.

Точно е, посочува тој, дека постојат гласини дека СДСМ и ДУИ веќе почнале да одат по амбасади и да ги молат амбасадорите да ѝ наредат на албанската опозиција да не вади свој кандидат за претседател за да не би морала и ДУИ да вади кандидат.

– Ако албанската опозиција понуди кандидат Албанец, а тоа не го направи ДУИ, тогаш најголемиот дел од албанските гласачи во земјава би гласале за кандидатот Албанец, без разлика од која партија е поддржан. Но, лично јас не верувам дека странците, односно амбасадите би можеле нешто да сменат во однос на оваа работа – рече Хајредини.

Како што потврди и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, наводно вицепремиерот Бојан Маричиќ во име на СДСМ барал од амбасадорите да направат притисок врз Изет Меџити, Африм Гаши и Билам Касами да се откажат од намерата да номинираат кандатот за шеф на државата.

Ако се случи ДУИ да промовира свој кандидат за претседател, тогаш гласовите на Албанците ќе бидат поделени, а според проценките, во таков случај ќе се зголеми и разликата помеѓу кандидатите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа, пак, би ги демотивирало поддржувачите на СДСМ да го дадат гласот на 8 мај кога заедно со вториот круг на претседателските избори ќе се одржат и парламентарните избори.

Од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека разликата во првиот круг ќе биде изнесува околу 150.000гласови во полза на нивниот кандидат, а во вториот круг таа бројка ќе порасне. Партијата на Мицкоски веќе најави дека ако ДУИ остане без свој кандидат за да го поддржи кандидатот на СДСМ, тогаш шансите за било каква соработка во иднина ќе бидат сведени на – нула.

Засега, пратеничката Гордана Силјановска е најсериозен кандидат за кандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, но конечниот избор ќе се случи на партиската конвенција која е закажана на почетокот на март.Во СДСМ, пак, сѐ поголеми шанси добива актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски, иако во игра е и актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.Од албанската опозиција велат дека нема да отстапат од намерата да имаат кандидат за шеф на државата.

– Дефинитивно ќе имаме наш кандидат за претседател на претстојните претседателски избори – потврди Изет Меџити од Демократското движење за Плусинфо.Според неофицијални информации, поранешниот претседател на Националната демократска преродба, Руфи Османи, е потенцијален кандидат за претседател од редовите на албанската опозиција.Првиот круг од претседателските избори е на 24 април, додека вториот круг на 8 мај, кој ќе се одржи заедно со парламентарните избори.