ПЕНДАРОВСКИ : НЕКАЗНИВОСТА НА ВИСОКАТА КОРУПЦИЈА НЕ Е ПОРАДИ ЗАКОНСКИТЕ РЕШЕНИЈА

0
415

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, осврнувајќи се на Кривичниот законик, го реафирмираше ставот дека постојат низа аргументи коишто одат во прилог на направените измени.Запрашан за тоа дали од денешна дистанца, имајќи ги предвид сите реакции и последици врз предметите, особено оние на поранешното СЈО, би го потпишал Указот, претседателот Пендаровски нагласи дека повторно би ја донел истата одлука, иако, дилемата и проблемот бил во кусиот временски период, заради европското знаменце, кој оневозможил и со  евентуално суспензивно вето, подетална анализа и дебата во јавноста.

„Јас тврдам дека тука имаше аргументи, кои Владата и сите ние можевме подобро да ги објасниме во јавноста, дека не станува збор за враќање на Груевски, не станува збор за скриена амнестија, туку станува збор за норма која во претходниот облик и содржина беше „каучук норма“ и можеше сè да ставиш внатре.“

„Проблемите за несудењето на високите функционери лежат на друго место, не во законските норми, меѓутоа велам, жалам што немавме повеќе време заради делумната злоупотреба на европското знаменце, велам делумна затоа што во делот на конфискацијата на имотот, постои јасна европска директива“, истакна претседателот Пендаровски во интервју за емисијата „360 степени“.

Пендаровски: Шансите да се кандидирам за втор мандат денеска се поголеми отколку да не се кандидирам

Ако ме прашувате денес, шансите да се кандидирам се поголеми отколку да не се кандидирам, одговори претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1, на прашањето дали повторно ќе се кандидира на претседателските избори следната година. Според него, поддршката од политичките субјекти, но не помалку, ако не и повеќе, поддршката од граѓаните, ќе бидат клучни во носење на неговата одлука.

„Во 2014 година зад мојата кандидатура застанаа 18 политички партии, во 2019 застана 31 политичка партија. Повторно, само со поддршка на политичките партии не е можно да бидете претседател. Потребен е и граѓанскиот дел, што не е врзан со политичките партии, да се реши да ви даде глас, затоа што само со збирот, или акумулацијата на само партиските електорати, не може да станете победник“, изјави претседателот Пендаровски.

Според претседателот добра одлука е претседателските и парламентарните избори да се одржат заедно, пред сѐ од финансиски аспект, како и поради обезбедување на подобра политичка мобилизација и излезност на граѓаните, што е важно и за легитимитетот на избраните политичари.

„Не може некој да ме убеди, ако вие имате рејтинг, или немате рејтинг во април, вие ќе го додадете или изгубите во јуни“,  одговори претседателот коментирајќи дека за него не игра голема улога дали изборите ќе бидат двојни или поединечни, доколку се кандидира за втор претседателски мандат. Во однос на прашањето дали смета дека ДУИ може да ги мобилизира своите гласачи ако го поддржат на претседателските избори, претседателот изјави дека сите албански политички партии ќе имаат проблем да го мобилизираат своето членство, ако во вториот круг останат двајца Македонци.

Тој смета дека резултатите од анкетите не се лоши, но се однесуваат на претпоставената сила на политичките субјекти, а она што потешко се мери е граѓанскиот електорат, кој не е поврзан со политичките партии, а коишто на анкетите, над 60 %, се изјаснуваат дека во принцип не се заинтересирани за гласање.

Пендаровски: Негласањето на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени е во суштина антиевропско однесување

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ оцени дека негласањето на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени е во суштина антиевропско однесување.„Последниве година и пол, од за мене сосема неразбирливи причини, од тесно-партиски интереси, главната опозициска партија започна да се однесува на антиевропски начин“, рече претседателот Пендаровски.

Запрашан за влијанието на пораките од американските претставници од Стејт Департментот насочени кон противењето на опозицијата за уставните измени, претседателот Пендаровски рече дека тие не влијаат врз ВМРО ДПМНЕ затоа што мислат дека на таков начин добиваат рејтинг.
„Изминатава година, година и пол, од усвојувањето на францускиот предлог во нашето Собрание, ВМРО тера строго партиска агенда и има само една мисла во главата – да дојде на власт па после ќе му ја мислиме за другата работа – промени на Устав, европски интеграции итн. Гледате дека на фонот на тој комплекс на прашања и проблеми, пред сѐ за нас, нивните првенци често спомнуваат дека во Европа доаѓаат десничари на власт, па доаѓаат европски избори по кои европскиот парламент ќе изгледа драстично поинаку, Европа наводно го губи интересот за интеграција на регионот…, а обратното е точно во последнава година од овие причини кои ги спомнавме. Така што тие веќе подготвуваат терен и по евентуалната изборна победа да не се бават многу со европските интеграции.

Претседателот Пендаровски изјави дека излезот од блокадата на европските интеграции го гледа во ситуација кога би имале проевропска коалиција на власт и после изборите, бидејќи е јасно дека до избори таква промена на Устав е невозможна.

Пендаровски: Нема да го потпишам Законот за игри на среќа, доколку се злоупотребува европското знаменце

Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 претседателот Пендаровски даде коментар за Законот за игри на среќа истакнувајќи дека деновиве до него доаѓаат информации дека наводно во парламентарна процедура е овој закон повторно со европско знаменце.

„Не можам да верувам дека навистина до крај тоа ќе се случи, дека со европско знаменце вие би форсирале закон за кој е јасно уште отсега дека не постои јасна европска директива наспроти сите оние критики кои ги имавме и од САД кои не се членка на Европската Унија, а не пак само од евроамбасадорот тука во Скопје“, истакна претседателот Пендаровски.

Тој додаде дека се надева дека Владата и покрај лавината од критики нема да ги турка законите кои нема потреба да бидат туркани со европско знаменце, затоа што според него, треба да има поширока општествена дебата бидејќи многу судбини, кариери, опстанокот на многу наши граѓани е засегнат со конкретниот закон и со некои други закони кои поминуваат во забрзана процедура.