ПАЧЕШКОСКИ : ДЕСЕТ МЕСЕЦИ СРАМНО ВЛАДЕЕЊЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОРЧЕ ЈОВЧЕСКИ

0
705

Прес конференција на Зоран Пачешкоски  – Претседател на ОО СДСМ Прилеп

Десетмесечното практикување на градоначалничката функција од страна на Борче Јовчески, е најдобра потврда на максимата дека големите очекувања носат големи разочарувања.

Големите очекувања на граѓаните на општина Прилеп се засноваа на уште поголемите ветувања на Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ. Нецела година после изборите, вистината излезе на виделина: се’ било една голема лага!

Бесрамна лага беше ветувањето на Борче Јовчески дека учениците до четврто одделение ќе добијат бесплатен оброк, исто како што ги излажа децата од социјално загрозените семејства дека ќе им обезбеди бесплатни училишни униформи. Една школска година помина, втората е на праг. Од ветените униформи и бесплатниот оброк – ни трага ни глас.

Трите кружни текови, двете катни гаражи и бесплатниот градски превоз за  пензионерите со минимална пензија, требаше да значат инвестиции за средување на сообраќајниот метеж во градот. Немајќи знаење да ги реализира напамет пишаните проекти, градоначалникот Јовчески смисли „генијално“ решение – ја зголеми цената на паркинг услугите.

Не само што нема асфалтирање на нови улици, туку неспособноста на Јовчески оди дотаму што не може да ги заврши ниту оние кои ги започна претходниот градоначалник. Впрочем, фактот дека се пробиени сите рокови за завршување на реконструкцијата на плоштадот, на потегот од споменикот на Пеце Атанасоски до ООУ „Кочо Рацин“, е најдобра потврда на кажаното. За револтот на дуќанџиите од овој дел на градот, чиј промет е драстично опаднат заради отежнатиот пристап до нивните објекти, најдобро ќе ви кажат самите тие.

Во категоријата „лаги“ спаѓаат ветувањата на Јовчески за изградба на велосипедски патеки, канализациски мрежи во населените места, реконструкција на плоштадот „Александрија“ и плоштадот пред „Марко Цепенков“, намалување на сметките за вода, засадување 2.000 садници на годишно ниво, инфраструктурно уредување на индустриските зони „Прилеп 4“ и „Прилеп 5“.

Мртво слово на хартија остана изработката на детални урбанистички планови за 30 населени места, а наместо најавеното стопирање за градењето дивоградби, пред очите на градоначалникот во строгиот центар на градот никна „див“ објект.

Борче Јовчески, актуелниот градоначалник на Прилеп, лажеше и кога ветуваше поддршка за прилепскиот спорт, со посебен нагласок на фудбалскиот клуб „Победа“ и ракометниот клуб „Прилеп“.

Што да се речи за неумеењето да се искористат државни пари за реализација на општински проекти? Како да се објасни фактот дека заради неговата неспособност не е почната реконструкцијата на крушевско џаде, односно улицата „Леце Котески“ и изградбата на водоводот за манастирот „Трескавец“, за кои државата обезбеди значителни средства?
Сепак, ќе бидеме неправедни ако не кажеме дека Борче Јовчески успеа нешто и да направи за време на неговото десетмесечно раководење со општината. Нешто кое не го вети и кое не го пишува во изборната програма.

Негово врвно остварување, е што за директор на „Водовод и канализација“ го постави својот другар Игор Гулабоски. Истовремено, во насока на зајакнување на капацитетите на општинската администрација беше и именувањето на Маја Костадиноска, медицинската сестра од приватната амбуланта на Јовчески, за шефица на неговиот Кабинет.