ОСМАНИ : ЗАВРШУВАЊЕТО НА КОРИДОРОТ 8 ВАЖЕН АСПЕКТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИЈАТА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

0
507

Шефот на дипломатијата Бујар Османи и министрите за надворешни работи на Италија, Бугарија и Албанија, Антонио Тајани, Марија Габриел и Олта Џачка ја презентираа четиристраната иницијатива за заедничко поврзување и економски развој на регионите долж Коридорот 8.

Како што соопшти МНР, оваа политичка платформа ќе придонесе за севкупната соработка и зајакнување на безбедноста на регионот, а особено ќе влијае на ЕУ перспективата за целиот регион на Западен Балкан. Од состанокот, што вчера се одржа во Бриндизи, Италија, произлегоа шест заклучоци за насоката во која треба да се развива Иницијативата 8. Според еден од заклучоците, Коридорот 8 има стратешка вредност и неговото завршување, и на железничката и на патната траса, значително ќе придонесе за економскиот раст на регионот и за побрзо вклучување на Западен Балкан на единствениот пазар на ЕУ.

-Завршувањето на Коридорот 8 ќе биде многу важен аспект за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Оваа платформа за соработка помеѓу нашите земји треба исто така да се искористи за да се забрза нашиот процес и процесот на Албанија за пристапување во ЕУ. Покрај тоа, очекувам дека интеграцијата ќе даде опипливи резултати, пред сè во корист на граѓаните, пред полноправното членство, рече Османи на заедничката прес-конференција.Министрите се согласија дека покрај економскиот развој, членството во ЕУ претставува и катализатор за надминување на билатералните или регионалните прашања и поттикнувањето на помирувањето.

Во актуелниот геополитички контекст „брзата имплементација на Коридорот 8 може да придонесе за стабилноста на регионот и да го ублажи малигното влијание од трети страни, хибридните закани, дезинформациите и неправилната миграција, се наведува во еден од заклучоците.

Воедно, во заклучоците стои дека „министрите нема да штедат напори“ за мобилизирање на дополнителна финансиска поддршка за Коридорот 8 и за промоција на инфраструктурните можности за приватниот сектор, граѓанското општество и локалната самоуправа.

Иницијативата што беше промовирана во Бриндизи ќе функционира во формат на политичка платформа за дијалог и соработка, а министрите се договорија да одржат втор министерски состанок во блиска иднина, како и бизнис форум со учество на компании од четирите држави.Од МНР потсетуваат дека министерот Османи ја претстави Иницијативата 8 уште на почетокот на 2021 година како идеја за нова мултидисциплинарна платформа помеѓу Северна Македонија, Бугарија и Албанија преку која би се интензивирала и продлабочила меѓусебната соработка, како стратешки интерес за државите што се дел од иницијативата, стои во соопштението.