ОМО ,,ИЛИНДЕН” – ПИРИН : НИКОЈ НЕ КРИЕ КОЈ СТОИ ЗАД ОТВОРАЊЕТО НА МАКЕДОНСКИ КУЛТУРЕН КЛУБ ,,НИКОЛА ВАПЦАРОВ” ВО БЛАГОЕВГРАД

0
602

Во објавата насловена „Отворена порака до Османи”, ОМО „Илинден” – ПИРИН наведува дека било познато кој стои зад отворањето на Македонски културен клуб „Никола Вапцаров” и дека тоа никој го нема криено.

– Тоа е на право место Друштво за заштита на основни човекови права во Благоевград, друштво кое повеќе пати ја истакнува својата поддршка за евроинтеграцијата на Македонија и за добрососедството меѓу Македонија и Бугарија, наведува организацијата во реакција на денешната изјава на министерот за надворешни работи Бујар Османи кој нагласи дека Клубот го финансира фондација од Канада, чии позиции „не се во функција на стратешки интереси државата”.

Според Османи, поаѓајќи од тој факт не очекува дека Клубот ќе биде во функција на граѓаните и на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија.

– Фактот што финансиер на тој клуб е тоа здружение за мене е доволен факт дека оваа иницијатива нема добра намера, рече Османи.

ОМО „Илинден” – ПИРИН во реакцијата наведува дека министерот Османи „не се интересира ниту од тоа кои го отворат клубот, ниту кој го финансира, туку се фиксирал само врз некои искажувања на посредникот искажувани во врска со други настани”.

– Две прашања господине Османи: 1. Нели ветивте да не се мешате во внатрешните работи на Бугарија – да проверувате што прават граѓани на Бугарија во Бугарија не е ли директно мешање? 2. И не е ли тоа работа на бугарските институции, ако сакаат нешто да проверуваат на нивна територија? Од кога македонското надворешно министерство е разгранок на внатрешното министерство на Бугарија?, се наведува во објавата на ОМО „Илинден” – ПИРИН.

Организацијата посочува и дека можеби ваквиот став на Османи е барање изговор за тоа што нема да присуствува на отворањето на Клубот „Никола Вапцаров” во Благоевград.

– Отворањето на Културен клуб на име на поетот антифашист Никола Вапцаров не е исто со отворање на „културен” клуб на име на терорист и хитлеров соработник. Културните активности на Македонците во Бугарија не се провокација! Културните активности на Македонците во Бугарија не можат да штетат на вистински и искрени добрососедски односи – токму спротивно! Оставете ние, Македонците во Бугарија, да решаваме од што имаме потреба и што ни оди во наш интерес. Вие така или инаку се имате откажано од нас! Оние што не се откажаа од нас – доаѓаат во недела. Тие се добро дојдени!, се додава во објавата на ОМО „Илинден” – ПИРИН.

Министерот Османи денеска на брифинг со новинарите во Скопје потврди дека нема да оди на отворањето на клубот на македонската заедница во Благоевград в недела, бидејќи смета дека ниту тој клуб, ниту пак бугарските што се отвораат во земјава одат во корист на македонската заедница во Бугарија или на бугарската заедница во земјава. Османи смета дека како што отворањето на клубовите во Охрид и Битола, така и отворањето на клубот во Благоевград не е во функција на добрососедските односи меѓу двете држави.

Шефот на дипломатијата смета дека не смее да се дозволи некој да ја киднапира агендата заради политички и партиски интереси и напомена дека отворањето на вакви клубови во двете земји, можеби моментални ќе задоволни некакви чувствува, но според него, тоа не е долгорочно решение.

– Да се вратиме на еден нормален колосек во духот на пријателството, сметам дека ова во моментов не е паметно, може малку ќе ни ги задоволи чувствата, потребите за да возвратиме краткорочно, но сметам дека тоа не е патот. Камен темелникот за железницата со Софија многу повеќе ќе придонесе за Македонците во Бугарија и за Бугарите во Северна Македонија, отколку овој натпревар на клубови кој не ја зема предвид сензитивноста на моментот и нема добра намера, рече Османи.