ОД АРМ ЌЕ ГО КАЗНАТ ВОЈНИКОТ КОЈ ФРЛАЛ МОБИЛНИ ВО ДВОРОТ НА ЗАТВОРЕНИЦИ ВО ИДРИЗОВО

0
291

АРМ презеде мерки против професионалниот војник кој беше фатен како дава мобилни телефони на затвореници.

Во соопштението на АРМ се вели дека веднаш откако бил откриен случајот за припадникот на Армијата, кој како дел од составот кој е во поддршка на полицијата за обезбедување на КПУ-Затвор „Идризово“, е забележан како за време на извршување на должност фрлил мобилни телефони во дворот на затворот, од страна на Генералштабот се преземени сите потребни мерки согласно законските регулативи.

– По евидентирање на случајот по хиерархијата на известување, од страна на началникот на Генералштабот веднаш е издадена наредба и дадени конкретни задачи за преземање на сите пропишани законски дејствија и отпочнување на постапка за спроведување на соодветни дисциплински мерки.

Согласно процедурите, надлежните служби за безбедност во Армијата и воената полиција се во непосредна координација и соработуваат со јавното обвинителство и надлежните истражни органи во МВР.

По квалификација на делото од страна на надлежните истражни органи, во рамки на законските надлежности ќе бидат преземени соодветни пропишани дисциплински мерки, кое за конкретниот случај согласно Законот за служба во Армијата, спаѓа во дисциплински престап за кое е предвидена и најстрогата дисциплинска мерка – престанок на работниот однос.

Генералштабот најостро ги осудува појавите за каков било облик на недозволени или криминални однесувања кои се далеку од начинот на однесување на припадниците на Армијата со кои се нарушува угледот на Армијата и секогаш безкомромисно ќе настојува овие припадници да бидат најстрого санкционирани согласно законските регулативи, се вели во соопштението.

Извор : Време.МК