ОДГОВОРИТЕ ЗА ЗАСТАРУВАЊЕТО НА ПРИСЛУШУВАЊЕТО ДА СЕ БАРААТ КАЈ СУДИИТЕ, ПОРАЧУВА КОВАЧЕВСКИ

0
389

Премиерот Димитар Ковачевски не го коментира застарувањето на случајот „Таргет – Тврдина“, случајот кој се однесува на масовното прислушување за што еден од обвинетите беше поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Иако случајот застаре по носењето на измените на Кривичниот законик, Ковачевски одговорите на прашањата кажа дека треба да се бараат во неефикасното судство.

– Јас никогаш досега не сум коментирал судски постапки. Тоа што е карактеристично e што се работи за случај од она што е достапно јавно, којшто се започнат уште во 2015 година, којшто е во второстепена постапка веќе три години, меѓутоа во текот на тие осум години не бил завршен како случај. Така што, сите одговори за ефикасноста во однос на решавањето на случајот и во однос на текот јас не би можел да ги дадам, тоа може да го дадат единствено оние коишто работеле на истиот, така што тоа е одговорот којшто можам да ви го дадам, рече Ковачевски.

За измените на Кривичниот законик, рече дека се однесувале на усогласување со европски директиви во делот на конфискација на имот и во други делови, вклучително и на одредени членови коишто се усогласуваат со законодавства на земји – членки на ЕУ – На 19 од нив и со речиси сите земји – членки на Советот на Европа.

Евроамбасадорот Дејвид Гир пак порача дека има многу силна поддршка за европската иднина на државава и изрази надеж дека државава ќе се придвижи напред со усвојување на уставните измени и спроведување на реформите.Одговарајќи на новинарски прашања Гир рече дека следните чекори на евроинтеграцискиот пат се одлуки што треба да ги донесат политичките чинители во земјава, а не Советот на Европската унија или земјите членки на ЕУ.

Прашан за коментар за застарувањето на делото од предметот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство, евроамбасадорот рече дека не може да коментира, но оти ставот на Европската комисија во однос на измените на Кривичниот законик не е сменет.Потсети дека ЕК претходно изрази длабока загриженост во врска со импликациите што ги има принципот на неказнивост поради измените на Кривичниот законик, како и употребата на европското знаменце при нивното носење.

-Мислам дека ставот на ЕК е многу јасен. Нејзиниот став не е сменет. Се разбира, од наша страна ние можеме да кажеме само дека одблиску ги следиме сите случувања коишто се поврзани со судството, се разбира и сите измени или последици коишто произлегуваат од измените на Кривичниот законик. Ќе излеземе со нови оценки, со нови коментари во врска со понатамошни можни идни развои на ситуацијата, изјави Гир.