ОБСЕ/ОДИХР ДАДЕ ПОЗИТИВНА ОЦЕНКА ЗА ИЗБОРНИОТ ДЕН

0
28

Првиот круг од претседателските избори беше конкурентен и гласачите можеа да направат информиран избор. Денот на изборите севкупно беше оценет позитивно при што во голема мера се почитуваа процедурите за гласање, додека во некои случаи при пребројувањето избирачките одбори не ги завршија целосно пропишаните процедури.

Ова се прелиминарните заклучоци на меѓународната набљудувачка мисија за изборите составена од претставници на ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа изнесени денеска на прес-конференција.

Џилијан Стирк, шеф на мисијата ОБСЕ/ОДИХР во контекст на законската рамка истакна дека таа е основа за демократски избори, но оти не регулира во доволна мера некои од важните елементи на претседателската трка.Посочи дека неодамнешните измени во Изборниот законик беа воведени преку процес на кој му недостасувало транспарентност и консултации со јавноста.

„Нашите набљудувачи позитивно го оценија гласањето во најголем дел од изборните места и тајноста беше општо одржана. Но, беше забележано семејно гласање и следење на бројки на гласачи. Пребројувањето на гласовите беше понегативно оценето во 10 проценти од избирачките места, поради грешки во процедурата или поради остварување на повеќе постапки истовремено. И за жал повеќе многу избирачки места не беа достапни за лица физичка попреченост, изјави Стирк.