НИКОЛОСКИ : ПЕНДАРОВСКИ БЕГА ОД ОДГОВОРИ ЗА КРИМИНАЛОТ, КОРУПЦИЈАТА И АФЕРИТЕ НА ТИЕ ШТО ГО ПОДДРЖУВААТ, НЕШТО ШТО Е НОТИРАНО И ВО МЕЃУНАРОДНИ ИЗВЕШТАИ

0
66

Прес-конференција на Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ носител на изборна единица 4

Почитувани,

Да се заблагодарам за присуството, навистина ми е драго што еве денес тука отвораме еден прекрасен објект. Навистина кога влегов внатре се воодушевив од она што го видов, и би сакал да честитам на градоначалникот. Навистина значајна инвестиција и за Моин, и за цела Гевгелија, и гевгелиско, место кое што мислам дека ќе значи многу за сите локални жители.

И работата на градоначалникот покажува како се прават промените и покажува како ќе работи идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Затоа што неговата посветена и чесна работа, и реализирањето на бројни проекти ја трансформира Гевгелија како никогаш претходно. И тоа е само причина плус, и мотив плус за да го реализираме нашето главно изборно ветување во делот на децентрализација, а тоа спуштање на околу 250 милиони евра секоја година до општините, како би можеле општините самостојно да се развиваат.

Тоа ќе значи затворање на сите поголеми инфраструктурни прашања од типот на водоводни и канализациони системи, изградба на основни и средни училишта, градинки и сето она што е потребно на граѓаните со цел во еден четиригодишен инвестициски циклус да оваа работа се случи и да можат граѓаните да имаат поубави и попристојни услови за живот.

Ако ми дозволите би сакал да искоментирам и две – три централни теми поврзани со изборите. Имено, знаете дека долго јас лично и партијата зборуваме за состојбите со криминалот и корупцијата. Јас континуирано го прашувам и Стево Пендаровски за она што се случува деновиве, го прашувам зошто не искоментирал ниедна криминална афера која што е излезена во јавност. Како што го прашувам и зошто ги потпиша измените на Кривичниот законик со кој што практично се дозволи амнестија за криминалците. А, го прашувам и зошто користи крадени народни пари за финансирање на неговата кампања.

Одговор од Стево Пендаровски не добивме, но денес добивме одговор од реномираната меѓународна институција „Фридом Хаус“ која што се занимава со состојбите во повеќе држави. Тие велат дека новинарите кои што известуваа за корупција се под закана на власта на СДСМ и ДУИ. Тие велат дека има сериозно политичко влијание врз судскиот и обвинителскиот совет. Тие велат дека непотизмот царува во судството и обвинителството. И „Фридом Хаус“ исто така вели дека со измените на Кривичниот законик кои што ги потпиша Стево Пендаровски се амнестираа бројни криминалци кои што направиле кривични дела во Македонија.

Така што најдобриот одговор зошто Стево Пендаровски бега од одговори на овие прашања денеска стигна од „Фридом Хаус“ кој што јасно кажува дека во Македонија царува криминалот и корупцијата, нешто што ВМРО-ДПМНЕ го зборува со години. А, интензивно го зборуваме во кампањава и тоа е најдобрата причина зошто треба да имаме масовна излезност и на 24-ти април и на 8-ми мај луѓето да излезат во што поголем број и да се случат промените, Гордана Силјановска Давкова да биде избрана за претседател на Македонија, а Христијан Мицкоски за премиер, а Владата да биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Би сакал да искоментирам и она што се случува во делот на парламентарните избори, мислам дека е безобразно да е од една страна СДСМ се однесува како да биле досега во опозиција, од друга страна носителот во четвртата изборна единица да се однесува како никогаш да не бил министер за здравство, на сите скандали кои што се случија во здравството а дел од нив повторно потврдени во овој извештај од „Фридом Хаус“ кој што вели дека со измените на кривичниот законик, кој што ги донесе мнозинството на СДСМ и ДУИ, а ги потпиша Стево Пендаровски, се прави амнестија и во делот на корупциските скандали во здравството кои што се случија во текот на корона кризата.

Да ве потсетам тоа е аферата со набавката на вакцини кои што никогаш не стигнаа во Македонија преку компанијата Ставри, која што е компанија за трговија со јужно овошје, провизиите стигнаа ама вакцините не стигнаа и затоа Македонија има 5-та највисока смртност во време на корона кризата на милион жители што е една црна статистика за Македонија.

Понатаму тука е аферата со притисокот врз еден сопственик на приватна болница да истата ја продаде на бизнисмен од Албанија. Тука е делот со стерилизацијата која што се приватизираше и повторно отиде на бизнисмен од Албанија.

Понатаму, тука е случајот Онкологија каде што за да се полнат приватни џебови не беше давана терапија на пациенти. Сето ова го потврдува овој извештај и потврдува дека сето она што јас го зборувам со денови во текот на кампањата за жал е вистина.