Премиерот Заев на ифтарската вечер организирана од македонско-турската стопанска комора: Република Северна Македонија е семејство на различни вери, кои меѓу себе живеат сложно

0
1251

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, вечерва беше гостин на ифтарската вечера по повод светиот месец Рамазан, организирана од страна на македонско-турската стопанска комора во нашата земја. На оваа ифтарска вечер покрај претседателот на македонско-турската стопанска комора, Ајдован Адемовски свое обраќање имаше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев кое Ви го пренесуваме во целост.

„Рамазанските пости се период кога семејствата се собираат, пријателите се дружат и се посветуваат на саморефлексија и размислување.

Ве имам како семејство и ми претставува посебна чест што ме поканивте мене и владата да бидеме заедно со вас кога ги исполнувате Вашите свети должности.

Должности кои повикуваат на молитва за меѓусебно почитување, за залагање за правда, за напредок, толеранција и достоинство на сите луѓе.

Постот е одрекување од земните и сетилните задоволства што е заедничка вредност на многу вери – вклучувајќи ја и мојата христијанска вера. Тоа е време кога го јакнеме духот за да го прифатиме фактот дека промените што сакаме да ги направиме – мора да започнат во нашите сопствени срца и во нашите заедници.

Со секој ифтар за време на Рамазанскиот пост се стекнуваме со можност да ја охрабруваме и негуваме нашата заедница, Република Северна Македонија, како една држава, едно семејство на различни вери, кои меѓу себе живеат сложно и ја продолжуваат традицијата што како аманет ни ја оставија нашите претходни генерации.

Владата на Република Северна Македонија негува партнерски, но и пријателски однос со сите претставници на Стопанската комора МАТТО.

Ова е уште една прилика да ги потврдиме и ги реафирмираме силните билатерални односи со Република Турција. Држава која е голем пријател на Република Северна Македонија и со која негуваме традиционално пријателство.

Овие односи и пријателство постојано растат. Само во периодот јануари – февруари 2019 во споредба со истиот период лани со Република Турција имаме зголемување на обемот на трговска размена за 10.7%.

Драги пријатели, рамазанските пости нека ви донесат мир и благосостојба во вашите семејства и сила за сите идни потфати во вашите професионални проекти.

Нека е за многу години.“