НИКОЛОСКИ : ОД ИНТЕРЕС НА НАРОДОТ Е ИЗБОРИТЕ ДА СЕ СПОЕНИ

0
396

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во вечерашното гостување во емисијата ЗА или ПРОТИВ на телевизија Алфа вели дека најдобро е претседателските и парламентарните избори да се спојат бидејќи во услови кога економијата е девастирана најмалку што треба е Македонија да троши од 8 до 10 милиони евра за одржување на изборите.

Очајот нема граница и очигледно овде сме во ситуација каде што очајот на СДСМ и ДУИ го гледаме на сцена. Избори во Македонија ќе се случат тоа е законска и уставна обврска. Логично е, рационално е Македонија два пати да не троши пари за избори затоа што во една ваква девастирана економија каде што последните податоци велат дека поскапувањето на храната е за цели 46 проценти, значи тоа е за нешто половина, ако граѓаните пред половина година купувале да речеме за 100 денари сега истото го купуваат за 150 денари. Ако до пред година и половина можеле да пазарат за дома, за неколку дена за 1000 или 1200 денари сега истото го купуваат за 1500 до 2000 денари.

Така што јасно е каде е државата економски. И во такви услови последно што треба да прави Македонија е два пати да троши од 8 до 10 милиони евра со опасност да треба и три пати да троши бидејќи можно е претседателските избори да не се успешни затоа што треба консензус во вториот круг од 40 проценти излезеност, рече Николоски.Според Николоски ако се гледа партиски интерес тогаш на ВМРО-ДПМНЕ им одговара да има раздвоени избори, но доколку се гледа интересот на народот тогаш подобро е да има споени избори се со цел да не се трошат дупло пари и да дојде нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која ќе се зафати со решавање на проблемите на граѓаните.

Ако гледаме чисто партиски интерес на ВМРО-ДПМНЕ повеќе им одговара разделени избори, затоа што на разделени избори на претседателски избори кои би се случиле први ВМРО-ДПМНЕ сигурно ќе победи, односно ќе победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и после тоа СДСМ нема да може по 20 луѓе да најде да стави на листи за пратеници, а камоли да се надева на некаков резултат. Затоа ако гледаме од аспект на ВМРО-ДПМНЕ нас повеќе ни одговара да се разделени изборите, но ако гледаме од аспект на државата, на народот им одговара да се споени изборите и побрзо да завршат тој цел изборен циклус, да не се трошат дупли пари и да може Македонија да добие нова функционална влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која што ќе почне да ги решава проблемите, вели Николоски.

Николоски рече дека вкупната разлика меѓу претседателски и парламентарни избори е два месеци, додавајќи дека доколку изборите се одржат одделно тогаш државата ќе биде замрзната од 6 до 7 месеци, но и ќе се потрошат многу пари, бидејќи како што рече еден изборен циклус чини од 8 до 10 милиони евра.