НИКОЛОСКА : ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈОВЧЕСКИ НА ПРИЛЕПЧАНИ ИМ ГО СКРАТУВА УСТАВНОТО ПРАВО НА ЗДРАВА ЖИВОТНА СРЕДИНА

0
594

Прес конференција на Драгица Николоска, член на И.О при ОО СДСМ Прилеп

Почитувани сограѓани,

Неспособноста на градоначалникот Борче Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ, стана опасна по здравјето на прилепчани!

Со месеци наназад, чад од запалени материјали ги труе граѓаните на Прилеп. И сето тоа се случува во централното градско подрачје, пред очите на градоначалникот и инспекциските служби од локалната самоуправа.

Наместо брза и ефикасна реакција за што побрзо решавање на проблемот кој е од животно значење за жителите на градот и поблиските населени места, градоначалникот и надлежните општински служби ја замајуваат јавноста со бесмислени алиби соопштенија.

Состојбата со загадувањето на амбиенталниот воздух станува алармантен. На Прилеп му се случува еколошка и здравствена катастрофа, за што најдобра потврда се сведоштвата на жителите на Корзо, Бончејца, Сточен пазар и другите урбани заедници.

По којзнае кој пат Јовчески покажа дека не само што не знае да ги решава проблемите на граѓаните, туку не е способен ниту да им го овозможи уставно гарантираното право на здрава животна средина.

Градоначалниче Јовчески,

Ослободете се од вашиот страв дека целиот свет работи во корист на вашата штета и дека никој не сака да ги види вашите „достигнувања“.

Повеќе од 700 дена сте “татко“ на градот и редно е конечно нешто да сработите и да ја оправдате високата плата која ја земате.

Ако не сте кадарен да го откриете и да го санкционирате сторителот кој ги загрозува здравјето и животите на прилепчани, а не сте, тогаш побарајте помош од оние кои тоа го можат.

Сега, на половина од вашиот мандат, е вистинскиот момент да поднесете оставка од градоначалничката функција. Граѓаните на Прилеп ќе знаат тоа да го ценат и ќе ви бидат бескрајно благодарни.