ПРЕД СУДОТ ВО СТРАЗБУР ЛАНИ ДРЖАВАТА МОРАЛА ДА ПЛАТИ ПОВЕЌЕ ОД 330 ИЛЈАДИ ЕВРА ПОРАДИ ПОВРЕДА НА ПРАВОТО НА ПРАВИЧНО СУДЕЊЕ ПРОТИВ МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ

0
1057

Република Северна Македонија во 2020 година исплатила 330 илјади евра на граѓани кои ги добиле предметите против нашето судство во Стразбур. За споредба, државата како тужена странка која изгубила, во 2018 година платила отштета на граѓани во износ од 124 900 евра, според податоците на Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права.

Од вкупниот број на пресуди против државата, повеќе од 100 пресуди се однесуваат на членот 6 од Конвенцијата за човекови права, односно на повреда на правото на правично судење.

Во меѓувреме, нашата држава ниту ги почна судските реформи, ниту ги отвори поглавјата 23 и 24 со Европската комисија, а кои се за владеење на правото и за човековите права. Рејтинзите на судството и на обвинителството, се меѓу 2-3% доверба.

Оваа висока отштета од 330 илјади евра е резултат на добиени пресуди на граѓани против Македонија во Стразбур, за тужби што ги поднеле во 2019, 2018 година па и претходно. Но извесно е дека ситуацијата ќе биде уште полоша, ако се има предвид бројот на поднесени тужби против државата во 2020 година. Тие тужби сега се во процедура, Министерството за правда преку Бирото за застапување на Македонија пред Судот во Стразбур допрва ќе праќа одговори на тужби.

Дополнително годинава ќе следи обесштетување на наши сограѓани, зашто во текот на 2020 година, против државата биле донесени 14 пресуди и 13 одлуки.

Во текот на 2020 година пред различните судски инстанци на Судот во Стразбур, биле поднесени вкупно 275 тужби против Македонија што е зголемување во однос на претходната 2019 година кога таму пристигнале 262 апликации.