НИКОЛОВСКИ ПОДЕЛИЛ 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА НАДВОР ОД ПРОГРАМИТЕ НА ПЛАТЕЖНАТА АГЕНЦИЈА – НЕ Е ВРШЕНА НИКАКВА КОНТРОЛА, А ПАРИ ДЕЛЕЛ ПАРТИСКИ ФУНКЦИОНЕР, ОБВИНИ ТРИПУНОВСКИ

0
280

Фирмата Агростратус на таткото на Гоце Георгиевски, кој е раководител на сектор за рурален развој во МЗШВ каде што се објавуваат овие програми, добил согласност за добивање на финансиска поддршка – наведе Трипуновски.Министерството за земјоделство поделило 2,5 милиони евра државни пари, без притоа да се изврши било каква контрола, а еден од членовите кој одобрувал кои апликанти ќе земат пари е претседателот на партиската комисија на СДСМ за земјоделство – рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Цветан Трипуновски на прес конференција.

– Во 2022 година министерот Љупчо Николовски направил директен упад во системот, односно попрецизно, прави паралелен систем со тоа што преку министерството носи програми со кои директно го дерогира системот кој е законски востановен во рамките на ЕУ, и покрај тоа што овие програми се во надлежност на Платежната агенција.
Повторувам дека Платежната агенција е орган која врши исплата на финансиски средства на претходно распишани јавни повици по програми, но Николовски си носи свои нови Програми преку министерството со кои врши исплата на огромни суми пари.

Само во 2022 година исплатени се над пола милион евра или поточно на 59 апликанти им се исплатени по 10.000 евра, или вкупно 590.000 евра, додека во 2023 година на 86 апликанти за мали винарии исплатени се средства во висина од 800.000 евра, во 2023 за програмата вински дестилати исплатено е на 12 апликанти во вредност од 56.000 евра, и истата 2023 година по програмата за неживотинско на 113 апликанти исплатени се финансиски средства во висина од 1.100.000 евра.
Најсимптоматично во целиот овој процес е тоа што едно од лицата на тричлената комисија која давала согласност кои правни и физички лица да добиваат финансиски средства преку МЗШВ е тогашниот претседателот на партиската комисија за земјоделство од СДСМ Гоце Георгиевски.

Георгиевски како еден од членовите на комисијата имал задача да го прави изборот на корисниците на овие програми, да ја следи нивната имплементација и да врши контрола. Но, до денеска не постои документ дека е извршена било каква контрола, ниту дали се имплементирани средствата кои што се земени од страна на државата.
Втор спорен момент е тоа што Георгиевски бил тој кој што одлучува, а истовремено бил партиски претседател на комисијата за земјоделство на СДСМ, и тоа е што при изборот на корисниците нема воспоставен никаков систем на критериуми, односно како се распределувале средствата и на кои лица, единствен услов бил прв дојден прв услужен, што законски не смее и не може да биде услов за добивање на финансиски средства од државата.

Третиот спорен момент е што во 2023 година фирмата Агростратус на таткото на Гоце Георгиевски, кој е раководител на сектор за рурален развој во МЗШВ, каде што се објавуваат овие програми, добива согласност за добивање на финансиска поддршка.Од првиот документ кој што го имам денес со мене е решение за распределба на средства на корисници за јавен повик број 14-1360/5 од 03.03.2023 каде што стои и името на фирмата на која што е сопственик неговиот татко, а дополнителниот документ е овој документ каде што се докажува дека истата фирма била комплетна за да добие средства од самото министерство.

Само за споредба иста таква фирма за мала винарија Џи-ем-ен од Кавадарци, се одбива уште на самиот почеток. Но, не и фирмата на таткото на Георгиевски, фирмата Агростратус.

Со ова само се потврдува дека Николовски овие програми и овој упад во системот го направил само за делење на државни пари на партиски лица и лица блиски до власта.
Мора да има целосна истрага, случај по случај да се види како е можно едно семејство, односно двајца сопружници да добијат финансиска помош од по 10.000 евра, а другите да се одбиени? Како може услов за добивање на државни пари да биде единствениот критериум прв дојден прв услужен? Како може да се поделени 2.5 милиони евра државни пари, а да нема никаква контрола – рече Трипуновски.