Николовски за Фокус: Враќањето на ВМРО ќе значи одлевање на народни пари во Белизе!

0
823
Како да не очекувам изборна победа кога за мојот противник Игор Јанушев се поврзани бројни афери и скандали во времето на режимот, вели генералниот секретар на СДСМ и носител на пратеничката листа во третата изборна единица Љупчо Николовски во мини-интервју за неделникот Фокус.

-Човек (Јанушев) кој се поврзува со проневера на буџетот, за случајот со двокатните автобуси во Скопје, скандал тежок 5 милиони евра, со кого се поврзува криминалниот проект за изградба на „Панорамското тркало“ вреден 18,3 милиони евра, кој целата фамилија во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ му е вработена. За каква обнова зборуваме тука јасно е, обнова на режим и ништо друго – вели тој.

Наспроти тоа, Николовски за себе вели дека немал ниту една дамка во политичката кариера, туку, како што истакнува, работел чесно, одговорно и во интерес на граѓаните и државата.

ФОКУС Каква кампања очекувате во рамки на третата изборна единица каде ја предводите пратеничката листа на СДСМ? Кои теми и прашања ќе доминираат и ќе се обидете да ги наметнете?

НИКОЛОВСКИ Истокот е мој крај, јас од таму потекнувам и се трудам што поголем дел од времето таму и да го поминувам. За жал, тоа е регион кој беше длабоко запоставен. Во нецели три години за кои имавме привилегија да носиме одлуки за сите граѓани, ние направивме многу промени на подобро, но можеме уште повеќе и уште подобро.

Минималната плата ја затекнавме на 9.000 денари, а ја покачивме на 14.500 денари. До крајот на новиот мандат планираме да расте до 20.000 денари. Просечната плата ќе расте до 34.000 денари. Тоа се основни економски теми кои се како за граѓаните биле, се и ќе бидат исклучително важни.

Но, важни се и многу други теми. Луѓето го гледаат прогресот со патната инфраструктура, модернизацијата на здравствениот систем, градинките, училиштата. И секако, земјоделството. Имаме предвидено 100 проценти покривање на зелена нафта, грантови за млади земјоделци, бесплатно школување на децата на земјоделците кои ќе сеобразуваат во струката итн.

ФОКУС Откако изборите се спроведуваат исклучиво според пропорционален изборен модел во 6 изборни единици, резултатот во третата изборна единица, која е хомогена во етничка смисла, честопати ја правел најголемата или клучната разлика во вкупниот резултат? Каков исход очекувате во овој изборен регион резултат и на што го темелите тоа?

НИКОЛОВСКИ Ќе славиме победа. Немам дилема дека граѓаните ќе ја донесат вистинската одлука. Само дел од успесите ги споменав во претходниот одговор, а за сите нив од ВМРО не само што не бевме поддржани, туку направија се што можат да ги спречат нивните имплементации. Кај нив е истата непроменета екипа од времето на Груевски, не смееме да дозволиме да добијат шанса да се вратат ни блиску до одлучувачка позиција. Тоа ќе донесе само враќање на несигурноста и стравот и повторно одлевање на народните пари на тајни сметки на Белизе.

Немам ништо против ВМРО како партија, таму има и чесни луѓе, со образ. Но, за жал не доаѓаат до површината. На врвот таму беа и останаа послушниците на Груевски како Игор Јанушев. Луѓе полни неброени афери и скандали.

ФОКУС Каков резултат очекувате генерално на изборите и кои се главните фактори кои ќе определат кој ќе победи на изборите, но и кој ќе успее да формира влада?

НИКОЛОВСКИ Ние бараме поддршка од граѓаните за чист мандат. Покажавме зашто сме кадарни и способни и тоа за само две и пол години. Целиот овој период доживувавме опструкции и притисоци од ВМРО во секој чекор, за жал. Сакаме чист мандат за да ги спроведеме сите одлични мерки кои ги предвидува програмата на нашата коалиција “Можеме”.

Секако, има и други фактори кои влијаат за формирањето на владата, програмските цели мора да бидат ускладени, ќе игра улога и која партија колку гласови има освоено итн. За полесно реализирање на сето ова што го предвидуваме со нашата програма, нас ќе ни значи поддршката од граѓаните да ја добиеме во што поголем број. Секојдневните средби со граѓаните ми кажуваат дека тоа сигурно ќе се случи и како што кажавте претходно, третата изборна единица повторно ќе ја направи клучната разлика.

Ќе одиме напред сите. Сите граѓани, сите партии, сите ние. Членството во НАТО и преговорите со ЕУ ни отвараат врати кои отсекогаш ни биле затворени. Имаме неповторлива шанса и ќе ја искористиме. Ќе растеме и ќе извезуваме македонски производи, а Македонците ќе ги оставиме дома. Ако сме сложни и заедно, знам дека можеме.

Целата сторија во која се обработуваат третата и четвртата изборна единица прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.