НЕТАНЈАХУ : СЕКОЈ ЧЛЕН НА ХАМАС Е МРТОВ ЧОВЕК

0
381

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека секој член на Хамас е „мртов човек“ по првиот состанок на владата на национално единство формирана вчера, јавува Би-би-си. Премиерот Нетанјаху се согласи да формира влада за време на војната со поранешниот министер за одбрана и лидер на центристичката опозиција Бени Ганц.

Тие се согласија да ги остават настрана разликите и политичкото ривалство. Бени Ганц рече дека е „време за војна“ и им порача на израелските граѓани дека новоформираната влада е „обединета“ и подготвена да го „збрише“ Хамас од лицето на земјата.

Лидерот на главната опозиција Јаир Лапид сè уште не се приклучил на воениот кабинет, но Нетанјаху и Ганц во заедничката изјава рекоа дека за него е резервирано место. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека разговарал со Нетанјаху и дека јасно му рекол дека Израел мора да дејствува според „правилата на војната“.Бројот на загинати во нападите на Хамас врз Израел кои започнаа во саботата достигна 1.200, а во најновиот извештај, Министерството за здравство на Газа соопшти дека ист број Палестинци загинале во израелската реакција. Бајден рече дека го разбира гневот и фрустрацијата на народот во Израел, но побара од таа земја да се придржува до Женевската конвенција.

Тој го предупреди Иран – кој го поздрави нападот на Хамас – да биде „внимателен“. Американскиот државен секретар Блинкен е на пат за Израел и ќе пристигне денеска за да покаже „силна поддршка“ за Израел.
Една тема на неговата агенда ќе бидат американските заложници: официјални лица велат дека нивниот број е „многу мал“ – и тие сè уште не донеле одлука како да се обидат да ги вратат назад. Хамас, наводно, држи до 150 луѓе како заложници, вклучувајќи деца и постари лица.

Израелската армија објави дека илјадници војници се подготвени долж границата со Газа во случај да се изврши копнена инвазија. Портпаролот на израелската армија изјави дека силите, вклучително и 300.000 резервисти, се подготвуваат за мисија во близина на границата со цел „на крајот на оваа војна Хамас да нема никакви воени способности“.Заедно со борбата против Хамас, Израел размени оган и со Хезболах во Либан. На почетокот на оваа недела, Израел објави целосна блокада на Газа, вклучувајќи вода, струја и храна. Агенцијата на ОН за палестински бегалци побара во средата 104 милиони американски долари итна помош за Газа. Би-би-си пишува дека хуманитарната ситуација во Појасот Газа е очајна.