НА 5 ЈУНИ ПРЕСУДА ЗА ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО

0
376
Во тетовскиот суд на денешното судење со завршните зборови на Обвинителството и на одбраната, заврши главната расправа за случајот со пожарот во модуларната ковид-болница во Клиничката болница во Тетово. Поради обемноста на предметот на пресудата ќе биде донесена на 5 јуни.

Обвинети во случајот се двајцата директори Флорин Бесими и Артан Етеми кои се гонат за тешки дела против општата сигурност, како и докторот Бобан Вучевски кој е обвинет за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. За предизвикување општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, пак, како правно лице се гони и Клиничката болница Тетово.

Обвинителот Ханефи Амети посочи дека со изведените докази и сослушаните сведоци се докажало дека обвинетите ги сториле кривичните дела и побара судот да ги огласи за виновни. Според Обвинителството, двајцата обвинети директори имале обврска да постават противпожарни апарат, а тоа не го исполниле. За обвинетиот доктор Вучевски, пак, Амети потсети на сведочења од роднини и рече дека дозволил присуство на роднини на пациентите.

Кон завршните зборови на Обвинителството се приклучија и пет адвокати кои имаа полномоштво за застапување на семејствата на жртвите и повредените.Адвокатите на обвинетите, пак, побараа ослободителни пресуди бидејќи сметаат дека обвинителството не успеало да го докаже обвинението.