НА МАКАДАМОТ НА РЕСТАВРАЦИЈАТА

0
370

Љупчо Поповски 

Колумна 

Откако се појави анкетата на ИРИ Никола Груевски ги засили пишувањата од Будимпешта, чувствувајќи се повикан за мисија или месија. Па дури и посредно да навестува дека не е невозможно во 2023 да се врати во Македонија. Што ти прави една анкета на ИРИ?

Сите очекуваа да се појави потполошката, а од густишот на панонската трева излета фазан. Кога анкетарите што го спроведуваа истражувањето им го поставиле прашањето на испитаниците – „Кога размислувате за луѓето во политичкиот живот, која е единствената личност во Северна Македонија на која гледате најповолно?“ во спонтаниот одговор седум проценти од нив го споменале Никола Груевски, еден процент помалку Христијан Мицкоски, а уште еден помалку Димитар Ковачевски.

Анкетата објавена на 19 декември наеднаш ја обликува политичката парадигма до крајот на годината, а според некои нејзини резултати ќе се води и политиката во наредните месеци. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ има повеќе анкетни лостови со кои може да ја крепи својата политика сега и во иднина отколку владејачката СДСМ.

Но, во таа политичка парадигма, фазанот што излета од панонската трева наеднаш се почувствува повикан за мисија или месија („Зошто бараш харизма во себе полнета птицо/Можноста за просветлување те разделува во бескрај од копнежот за мисија“ – Џони Штулиќ во „Кога фазаните летаат“).

Тоа наиде на своевиден ужас во вмровскиот штаб, затоа што резултатот на „панонецот“ четири години по бегството ја растресе целата тамошна структура. Па кога во една дебата на Канал 5 Александар Николоски прашан од водителката како го толкува резултатот на Груевски во анкетата, нервозно велеше дека тој не е точен; па, вадејќи некои листови тврдеше дека според нивната последна анкета Мицкоски бил најпопуларен.

Другите резултати од анкетата биле исправни, само тој за Груевски не бил точен. Ова навраќање на анкетата е повеќе од симболично. Овој резултат за Груевски внесува повеќе немир во високите вмровски кругови отколку кај сдсмовската власт.

Со одговорот дека Македонија оди во погрешна насока сегашната власт може да се теши со податокот дека во анкетите на ИРИ од 2010 година само во две истражувања процентот на оние што верувале дека државата оди во правилна насока бил поголем од негативниот.

Но тоа е бесполезна утеха. Таа утеха не ги решава нејзините проблеми.