МТСП : ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО ДЕТСКАТА ЗАШТИТА СЕ ДОКАЗ ДЕКА ВЛАДАТА ИМА ПРИОРИТЕТ ЗА ВЛОГ ВО ИДНИНАТА НА ДРЖАВАТА

0
288

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ денес беа во посета на поголемите инвестиции на Владата на РСМ во Струмица. Ковачевски, Тренчевска и Мадиќ ги посетија градинката „Виножито“.

По посетата на градинката премиерот Ковачевски во изјавата за медиуми ги истакна досегашните инвестиции на Владата и Министерството за труд и социјална политика во делот на детската заштита.

„Од почетокот на мандатот на Владата, отворени се вкупно 83 објекти. Од кои, 13 нови јавни детски градинки. 39 нови објекти во рамки на постојните јавни детски установи.  Отворени се 31-на нова група со промена на просторни услови во постоечки објекти и во други просторни услови. Со тоа, овозможивме да бидат згрижени дополнителни 8.000 деца од предучилишна возраст во државата. Конкретно за годинава, со пресекот во месец септември, околу 36.300 деца се запишани во јавните детски градинки и околу 3.000 деца се опфатени во приватните детски градинки. До крајот на 2023 година се планира да бидат отворени капацитети за уште 530 деца. А, до крајот на 2024 година, предвидовме отворање на дополнителни, околу 1.700 места, за згрижување деца од предучилишна возраст “ рече Ковачевски.

Премиерот истакна дека оваа година е завршена најголемата реализација на капиталните инвестиции досега со вкупна вредност од 465 милиони евра и посочи дека тоа е речиси 90 отсто од планираните капитални капитални проекти.

„ Граѓаните конечно чувствуваат што значи стабилност и сигурност и што значи кога се има одговорна Влада, посветена да го унапреди нивниот квалитет на живот и да ги реализира стратешките цели. Децата да одат во европски градинки. Младите да учат во европски училишта и факултети. Институциите да функционираат по европски стандарди. Македонските граѓани да имаат европски живот во родната земја. И тоа ќе го направиме, повторно заедно“ изјави Ковачевски.

Тренчевска во својата изјава зборуваше за најголемата инвестиција на Министерството во Општина Струмица за време на нејзиниот мандат.

„Впрочем задоволство ми е да кажам дека оваа градинка е најголема во општина Струмица, инвестиција на Министерството за труд и социјална политика во вкупна вредност од околу 2 милиона евра, која за само една година го исполни својот капацитет за згрижување од 307 дечиња и која тежнее кон проширување на својот капацитет. Токму пристапот на континуирано вложување во нови капацитети, во вработените, во секое опфатено дете е главниот фокус на спроведување на социјалната реформа и развојот на човечкиот капитал, кој ќе биде рбетот на развојот на нашата држава “ рече Тренчевска.

Министерката во нејзината изјава најави дека продолжува инвестирањето во градинката „Виножито“, денес таа најави нова сензорна соба во склоп на градинката која треба да придонесе за подобрување на инклузивноста на градинката и истата ќе овозможи соодветен развој на секое дете. Таа воедно потсети и на инвестицијата на Министерството за труд и социјална политика од изминатата година во градинката „Детска Радост“. Тренчевска истакна дека инклузивното игралиште во таа градинка ја потврди сеопфатноста и посветеноста на Владата за поддршка на секое дете во државата.