МИЦКОСКИ : ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ОСВОИ 61 ПРАТЕНИК, НАРОДОТ ВРИЕ И ЌЕ ЈА КАЗНИ ОВАА ВЛАСТ

0
457

Бројките кои ги имам јас и се дел од партиските мерења јасно покажуваат дека има простор за раст и јасно покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ на следните избори може да дојде и да се надева на една таква победа, односно од 61 пратеник, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашното гостување во „Само интервју“ на тв Канал 5.

Мицкоски укажа дека процентите за доверба во ВМРО-ДПМНЕ се од 100 проценти. Оттука додаде тој, ако од милион и осумстотини имаме 20 проценти и ако излезноста е околу 50 проценти значи дека ВМРО-ДПМНЕ може многу лесно да дојде до тој 61 пратеник.

„Тоа ни е многу важно за да ги реализираме целите. Власта пак е онаа која на дневна основа и нејзината работа е пред судот на јавноста. Власта е таа која на дневна основа води политики кои или се добри или лоши или народот тоа го гледа. Доколку водите политика која е погрешна поддршката добиена на избори паѓа. Тоа е случај со СДСМ. Луѓето гледаат дека не е испорачано и тие се под нивниот историски минимум, а ВМРО-ДПМНЕ се консолидираше“, кажа Мицкоски.

Според него тоа е и основна задача на опозицијата.

„Консолидирање на своите гласови е основна задача и тоа го констатирате со тоа дека рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е константен. И на избори опозицијата дава своја понуда и тогаш тој рејтинг или оди нагоре или ако понудата не е добра за бирачите оди надолу“, кажа Мицкоски.

Мицкоски рече дека за него понижувачки е ДУИ која е во епицентарот на криминални и коруптивни скандали да номинира премиер, како и дека земја која пледира да биде членка на Европската унија мора да покаже одговорност и зрелост.

– Прво за мене е понижувачки како граѓанин и како политичар партијата која што во последно време е во центар на скандалите а тоа е ДУИ да номинира премиер. Не гледам каков квалитет тој премиер може да донесе и каква додадена вредност. Второ ценам дека земја која што пледира да биде дел од ЕУ мора да покаже и малку одговорност и зрелост. Ние треба да покажеме дека сме зрели, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски истакна дека треба со партиите од власта и останатите парламентарни партии да седнат и да се договорат за бришење на техничката влада, и не само на овие избори туку и на сите следни избори, укажувајќи дека во техничката влада има повеќе опструкции, отколку нешто кое што може да додаде вредност во процесот.

– Можеби делува чудно како сега како тоа јас од позиција на опозиција во очи на избори го говорам. Но, верувајте јас ова го говорам најискрено и ценам дека треба заедно со политичките партии од власта и со останатите парламентарни партии да интервенираме во Изборниот законик и да го избришеме оној дел од техничката влада, и практично од овој момент па натаму да имаме влада со политички легитимитет. Не само на овие избори, туку и на сите наредни избори и тоа е влада која што ќе може со политички легитимитет да ги води процесите, бидејќи ќе повторам во техничката влада има повеќе опструкции, отколку нешто кое што може да додаде вредност во процесот. А од друга страна понижувачки за мене е да гледам како партија во парламентот која што е очигледно во последно време во епицентарот на многу криминални и коруптивни скандали да номинира прв човек на таа позиција, нагласи Мицкоски.