МИЦКОСКИ БАРА 61 ПРАТЕНИК НА СЛЕДНИТЕ ИЗБОРИ – ЛИДЕРОТ НА ВМРО-ДПМНЕ ТВРДИ ДЕКА КОГА ЌЕ БИДЕ ПРЕМИЕР ЛИЧНО ЌЕ СЕ ПРЕСМЕТА СО КОРУМПИРАНИТЕ ВО НЕГОВИТЕ РЕДОВИ

0
711

Обединети сите заедно еден до еден да дојдеме до 61 пратеник. Се останато ќе биде историски пораз, рече Мицкоски во обраќањето до партијците.

ВМРО-ДПМНЕ на следните избори ќе однесе убедлива победа со минимум 61 пратеник во Собранието. Лидерот на партијата вели дека се под ова ќе биде историски пораз за ВМРО-ДПМНЕ. За исполнување на оваа цел, Мицкоски повика на партиско обединување.

– Обединети сите заедно еден до еден да дојдеме до 61 пратеник. Се останато ќе биде историски пораз. И ова сфатете го како трет Илинден и трето ново ослободување на Македонија. Следните парламентарни избори се битка за третиот Илинден – рече синоќа лидерот на партијата на прославата на годишнината од формирањето на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.

Мицкоски и со порака до сите идни функционери од партијата дека лично ќе се пресмета со секој оној кој ќе работи нечесно и спротивно на интересите на граѓаните.

– Јас ви ветувам, ако ја добијам шансата од македонскиот народ да ја водам следната влада лично ќе се пресметам со тие луѓе коишто овој пат ќе ја изневерат довербата од македонскиот народ и ќе ги изневерат очекувањата, а тоа е да не работат чесно да бидат корумпирани и да бидат криминализирани. Затоа внимавајте што правите. Овој пат немаме друга можност. Најлесен плен за предаторите е корумпиран и криминален политичар. Заборавете на браќа и братучеди бидејќи имате само еден брат и една сестра, а тоа е Македонија и ВМРО-ДПМНЕ. Треба да работите за нив – рече Мицкоски.