Ајде да расчистиме, кој бил и што бил во ВМРО-ДПМНЕ

0
1928

Да Ви кажам искрено почитувани, ги проследив на кратко, онака на брзање, оние панел дискусии и оној патувачки циркус на ВМРО-ДПМНЕ, кои финишираа со еден разочарувачки митинг, и останав фрапиран и засрамен. Видов дека низ тој циркус продефилираа многу кловнови и големи патриоти, па место не ме додржа, решив да им  одговорам, да им кажам се во лице, онака директно со име и презиме.

Всушност никогаш не сум сакал да споменувам имиња на ликови кои мислам дека не заслужиле да ги споменувам, но овој пат ќе го направам тоа за да работите станат појасни, зошто во тој циркус се појавија многу големи таленти и патриоти кои го бранеа Никола Груевски, па еве да им одговориме како всушност беше, и како почна оваа приказна.

А почна така во пролетта 2004 година кога низ собраниските коридори тогашниот пратеник, а сега градоначалник, Коце Трајановски, ја поведе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ против Никола Груевски. Онака во ходник на поминување ни рече да се престроиме на правата страна, никако на онаа страна на Груевски. Се сеќавам на оној вознемирен глас на Ленче, секретарката на пратеничката група кога ни рече ,,Сите заминаа, никој не остана со Никола. Не баш никој, и одговоривме, повеќе на шега, ние сме тука. Останаа  малкумина пратеници во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, и ние тројца. А кои бевме ние тројца кои останавме да работиме и да и помагаме на оваа мала пратеничка група. Тие тројца бевме: Филип Петровски, Кирил Божиновски и Глигор Стоименов, односно јас.

Морам да кажам дека и Филип и Кире направија многу и беа од голема помош  на пратеничката група. Никој во тој период од пратениците, и од тие што останаа во пратеничката група, не му веруваше на Никола Груевски дека ќе ја добие битката со Љубчо Георгиевски. Сите некако гледаа колебливо и беа на готовс, дали да пребегаат на време во другиот табор. Пратеничката група која остана беше во многу слаб состав, онака во интелектуална подготвеност мислам, освен Ганка Самоилова и Сашко Кедев кои отскокнуваа од другите. Требаше да се пишуваат говори за пратениците, интерпелации за Владата, мислења по законски проекти и многу други работи кои се составен дел од работата на Парламентот.

Сето тоа го правевме ние тројца. Бевме подложени на многу критики и навреди од другиот табор на ВМРО-Народна на Георгиевски. Навредите одеа во правец на тоа како сме можеле да одиме со тој, мислејќи на Груевски, тој немал врска со ВМРО, ни велеа други.  Го омаловажуваа и навредуваа Никола Груевски кај ќе стигнат, и тоа токму оние кои сега ги гледам на ова панеливе како се пенават и врескаат бранејќи го. И мачнина ми е да ги слушам. Но тогаш ми беше жал. Секогаш сум бил на страната на послабиот. Онаа госпоѓа Божиновска предничеше пред сите,велејќи ни тогаш како можете со тој човек да тргнете, следете го сонцето, ни рече таа во една прилика на кејот на вардар, мислејќи на Љубчо. Оној па Мане Јаковлевски од кого и брат му се откажа како и оној Борис Змејковски од кого исто така и брат му се откажа, тогаш никаде ги немаше и едноставно не постоеја.Овие пак смешни фигури, иако се основачи на партијата, немаат врска со Никола Груевски и ова ВМРО-ДПМНЕ, од кај сега излегоа да го бранат, абе тие едноставно не се појавија во тој период. Нив сега ги врзува само личниот интерес.

Исто така и многу ликови кои сега ги гледам што се прилепија за ГДОМ, за да ловат во матно секако, го мразеа и плукаа по Никола Груевски. Но долг е списокот и не сакам да ги именувам. Ќе снема простор ако почнам по име и презиме да ги именувам плукачите на Никола Груевски кои сега го бранат. Овие пак министерчиња, што се сега во Владата, кои дојдоа од ВМРО-Народна се посебна смешка. Не само што не беа квалификувани туку и не ги пуштавме ниту во партиските комисии, ниту пак во Дипломатските академии на ВМРО, затоа што едноставно не беа квалификувани. И тие исто така беа големи плукачи на Груевски. Тогаш во Собранието ги спремавме и прес конференциите, пишувавме текстови и му ги доставуваме на Оливер Шамбевски, во она мало станче над поранешен Рекорд. Не постоеше центар за комуникации и пресовите се спремаа повеќе импровизациски. Подоцна во 2005 година се приклучи и Мартин Протуѓер и тогаш се засили работата во односите со јавноста. Во иницијативниот одбор за формирање на дипломатските академии на партијата беа: Зоран Јолевски, Игор Илиевски, Филип Петровски и јас.

Имавме задача да го осмислиме концептот на академиите, како ќе се спроведат и да ги селектираме кадрите. Сакам исто така да му заблагодарам и на покојниот, тогашен претседател на Собранието Љупчо Јордановски кој некако преќутно ни дозволуваше да ги правиме сите овие активности во Собранието на РМ и никогаш не не попречуваше, често велејќи ни на шега ,, Абе од вас вмровци глава не може да дигнам. Но сето тоа беше пријателски кажано и затоа признавам дека немав никаков притисок а камоли закани од СДСМ во тој период. Денес ми е жал што е многу различно. Направивме исто така квалитетна Комисија за надворешни политика и ја екипиравме со квалитетни луѓе и размислувавме само за Европа и за Америка, а не за Русија.

Така некако се одвиваше битката во Собранието во тие години. На другата страна беше тимот составен од професори на Економскиот факултет кои му помагаа на претседателот на партијата и тоа : Трајко Славески, Михаил Петковски, Живко Атанасовски и др. Беше и Владо Лазаревиќ со неговите луѓе во други сфери. Но главната битка беше во Собранието бидејќи бевме опозициона партија и таму се случуваше речиси се. Заедно бевме и на координациите со претеничката група, и ги работевме стратегиите за настап на пратениците.

Има многу да се пишува за тоа кој што направил и кој бил голем патриот и предавник. Но денес кога ги гледам и слушам оние свиркачи и плукачи како седнале на панел дискусии и нешто како да го бранат Никола Груевски и ВМРО, ми иде да вреснам. И знаете почитувани во што е разликата меѓу мене и нив. Јас сите можам да ги погледнам во очи и никого не го мразам. И на претседателот на партијата ќе му кажам исто така во очи дека со оваа политика што ја води не донесе сите пред колапс, и партијата и државата, но немам ништо лично против него. Но овие врескачи викаат силно затоа што чувствуваат дека е загрозен нивниот интерес. Нив не ги интересира Никола Груевски. Нив ги интересира само личниот интерес и како да се извлечат од оваа ситуација, инаку него не можат да го смислат, тоа одговорно ви го тврдам, затоа што ги познавам.

Ова што го изнесов се вистинити ситуации и факти. Кој не се согласува со мене и мисли дека било поинаку слободно нека полемизира. Јас сум демократ и прифаќам секоја критика и ситуација да ја разјасниме. Токму затоа ги повикав и оние од пропагандните здруженија како ГДОМ, како и било кој претставник од партијата, нека повелат на ТВ дуел кога сакаат и каде сакаат, спремен сум со сите нив да разговарам за се и сешто. Не знам зошто уште бегаат од медиумско соочување. Непријатно ми е кога имате празно столче во емисија да дебатирате за суштински теми во оваа држава. Затоа нека се охрабрат и нека дојдат за да видиме кој бил, што бил и како бил, ама да не ми праќаат слабо подготвени кадри па после да плачат како биле историчари, па не биле спремни, па не знаеле право итн. Нека се спремат, ако треба на оглас нека побараат спремни кадри.

И да Ви кажам уште нешто, едвај го чекам 11 декември.

М-р Глигор Стоименов