МИСИЈА ЗА ДИРЕКТЕН КОНТАКТ ПОМЕЃУ КОМИТЕТОТ ЗА ПРИМЕНА НА СТАНДАРДИТЕ НА МОТ И ПРЕТСТАВНИЦИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА

0
436

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и претставници од министерството денеска се сретнаа со  тим експерти на Меѓународната организација на трудот и експерт за слобода на здружување кои се во неколку дневна посета на земјава со цел реализација на Мисија за директен контакт помеѓу Комитетот за примена на стандардите на Меѓународната конференција на трудот и претставници од Министерството за труд и социјална политика.

Во рамките на мисијата, тимот од Меѓународната организација на трудот и експерт за слобода на здружување во текот на неколкудневната посета, ќе остварат серија на состаноци покрај со Министерството за труд и социјална политика и други институции и организации кои се вклучени во областа на трудот.

Целта на состаноците е согледување на примената на Конвенцијата за правото на организирање и колективно договарање, 1949 г. (бр. 98) од страна на Република С. Македонија во закон и пракса, идентификување на предизвиците и поддршка во примената на препораките на Комитетот за примена на стандардите.

На средбата, министерката Тренчевска ги истакна заложбите на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика за важноста на социјалниот дијалог во општеството, вклученоста на сите засегнати чинители во носењето на одлуки, слободата на колективното организирање и  договарање, почитувањето на правата на работниците и работодавачите и нивно унапредување.