МИСАЈЛОВСКИ : НА ОВИЕ ИЗБОРИ ОД ЕДНА СТРАНА Е ПЕНДАРОВСКИ КОЈ МЕНУВА СТАВОВИ СЕКОЈ ДЕН, А ОД ДРУГА СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА КОЈА СЕ БОРИ ЗА ПРАВДА И ЈА САКА МАКЕДОНИЈА

0
51

Денеска сакам да кажам неколку зборови за една прекрасна дама, нашата нова претседателка, дама што се бореше кога беше најтешко и дама која застана и тука пред вас пред 5 години, но и постојано кога имаше неправда. Таа жена сега повторно е со нас и за неколку недели од сега ќе биде претседателка на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски на денешниот митинг во Ѓорче Петров.

Тој исто така додаде дека на овие избори од една страна е Стево Пендаровски кој што ги менува ставовите во истиот ден во зависност како што ќе му кажат од Речица или Бихаќка, а од друга страна е професорката која се бори за правда и ја сака Македонија.

„Од една страна го имате Стево Пендаровски, човек којшто од сабајле кажува едно, а попладне кажува, можеби нешто друго, зависи што ќе му кажат од штабот тоа да каже. Знаете кој штаб или оној во Речица или на Бихаќка. Бира, зависи дали е вторник или среда. Но од другата страна имаме жена што ќе се бори за правдата, жена што ја сака Македонија и жена што секогаш ќе биде со народот“, потенцираше Мисајловски.

Тој упати и порака до, како што рече, идната претседателка на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова никогаш да не ги заборава луѓето кои даваат поддршка за посветла иднина.

„Јас сакам да упатам и до професорката еден апел. Професорке никогаш не ги заборавајте овие луѓе. Никогаш не ги заборавајте бидејќи доаѓаат за вас, доаѓаат за ВМРО-ДПМНЕ, доаѓаат за посветла иднина. И секогаш кога ќе бидете во кабинетот, запамтете, да одѕвонува како ѕвоно дека овие луѓе дошле за вас и ќе останат секогаш со Вас и покрај Вас“, истакна Мисајловски и додаде:

„Денеска сакам да завршам со една убава теза и еден убав момент. Сите заедно да се сплотиме и да направиме историја во Ѓорче Петров. Има многу хиени коишто пробуваат да го каснат лавот, но знаете, лавот секогаш победува на крај. Да се сплотиме и да направиме заедничка историја и да си ја вратиме Република Македонија за да биде горда, за да биде единствена, за да биде сплотена и да почне времето на промени“.