СОРАБОТКА СО ФРАНЦИЈА И ГЕРМАНИЈА ВО ЕНЕРГЕТИКАТА, БИТИЌИ: ПОВЕЌЕ ИНВЕСТИЦИИ ВО ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ И ТЕХНОЛОГИИ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ

0
698

Унапредувањето на соработката помеѓу Владата и развојните агенции на Германија и Франција во насока на реализација на проекти за енергетска ефикасност, беше тема на разговор на денешната средба на вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи со амбасадорот на Република Франција Сирил Бомгартнер, заменикот амбасадор на Сојузна Република Германија Ото Граф, делегација на Француската агенција за развој (AFD) и директорот на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), Давид Оберхубер.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека Владата е посветена на реализација на приоритетните цели за одржлив развој и Агендата 2030 на Обединетите нации, со кои ќе се овозможат подобри услови за живот на граѓаните, а во исто време ќе се спроведуваат реформите за членство на земјата во ЕУ.

Тој истакна дека како земја членка основач на Европската енергетска заедница, Република Северна Македонија во изминатиот период направи голем исчекор во носење на многу значајни документи, стратегии и политики, во кои се транспонирани директивите од енергетскиот сектор.

Сите овие активности, поврзани со реформите во енергетиката и енергетската ефикасност условија носење на нов Закон за енергетика и Закон за енергетска ефикасност, како и Стратегија за енергетика до 2040, а во процес на усвојување е и Националниот план за енергетика и клима, кои ја даваат основата за поголемо производство на електрична енергија од обновливи извори, но и политики за заштеда на енергија преку воведување на технологии и техники за енергетска ефикасност.