МИЛОШОСКИ : ВРЕМЕТО НА ЛИКОВИ КАКО АРТАН ГРУБИ, ТАЛАТ ЏАФЕРИ И РАМИЗ МЕРКО ПОМИНУВА, ТОА ГО ГЛЕДААТ И ПОЕДИНЦИ ОД ПРАТЕНИЧКАТА ГРУПА НА ДУИ

0
201

„Прво сметам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во позиција да го одбира коалициониот партнер, а не коалициониот партнер да не одбира нас“, истакна Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во „Тема на денот“ на Сител телевизија.

„Според анкетите и сондажите кои што ги имаме на терен ВМРО-ДПМНЕ ќе има од прилика два пати повеќе пратеници во споредба со СДС. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во позиција да одбере коалиционен партнер врз основа на тоа што ќе го понудиме како програмски определби за подобрување на состојбите во Македонија“, појасни тој.

Милошоски додаде дека политичка цел на ВМРО-ДПМНЕ е да има сериозна граѓанска изборна поддршка за да може да биде независна и да формира Влада без ДУИ.

„И затоа сметам дека ликови како Талат Џафери, Рамиз Мерко, Артан Груби и други не би имале место во било каква Влада“, нагласи Милошоски.

„Се гледа дека и во пратеничката група на ДУИ има поединци на кои што им е јасно дека смената на власта доаѓа, а дека времето на Артан Груби и на Рамиз Мерко поминува“, укажа тој.

Тој во текот на своето гостување исто така рече дека секој странски дипломат во принцип е должен да ја почитува изборната волја на народот.

„Нашата порака е следна, прво дека секој странски дипломат во принцип е должен да ја почитува изборната волја на народот. Во Македонија очекуваме таа изборна волја да донесе до демократска смена на власта. И после демократската смена на власта очекуваме поддршка од сите земји со кои што имаме плодна соработка вклучително и САД, Германија, Италија, Словенија, Хрватска, Србија и многу други“, рече тој.

Милошоски додаде дека поради неспособноста на СДС и ДУИ Македонија се соочува со многу проблеми на правосудно ниво, во владеење на право, во образование, во здравството, висока корупција итн.