МЕТА ФАКТ : НЕВИСТИНИТА Е ИЗЈАВАТА ОД ВЛАДАТА ВО 2018 ДЕКА ГРАЃАНИТЕ НЕМА ДА ИМААТ ДОПОЛНИТЕЛНИ ТРОШОЦИ ЗА ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ

0
485

Владините претставници во 2018 година изјавуваа дека граѓаните нема да имаат никаков дополнителен трошок и дека патните исправи ќе се менуваат откако ќе им истече рокот, што не се покажа како точно
Фото: Мета.мк Чекање за термини за нови лични документи, рок од само шест месеци да се извадат нови и неможност граѓаните да најдат термин за нова лична карта, возачка дозвола и пасош, се само дел од проблемите со кои се соочуваат македонските граѓани откако МВР предупреди дека сите валидни лични документи на кои стои старото име „Република Македонија“ нема да важат по рокот до 12 февруари 2024 година.

Дополнително на ова, трошокот на граѓаните за вадење лични документи паѓа на нивни грб.

Ова се коси со изјавите од страна на владините претставници во 2018 година, кои изјавуваа дека граѓаните нема да имаат никаков дополнителен трошок и дека патните исправи ќе се менуваат откако ќе им истече рокот.

„Во однос на трошоците тоа што можеме во моментот да кажеме е дека нема да има да се менуваат во еден ден сите патни исправи, туку која патна исправа како и истекува рокот ќе се менува. Што значи тие трошоци во однос на патни исправи ќе бидат во насока на редовните трошоци на вадење патни исправи кои ги имаат граѓаните на РМ. За сите други трошоци во моментот се прави анализа постои можност истите да бидат спакувани на начини на кој граѓаните на Р. Македонија нема да почувствуваат никаков дополнителен трошок“, изјави тогашниот владин портпарол Миле Бошњаковски, на 14 јуни 2018 година.

Изјави дека граѓаните нема да бидат изложени на трошоци за вадење нови документи на кои ќе стои новото име на државата даваше и тогашниот премиер Зоран Заев во ноември 2018 година, за што сведочат написи во медиумите.
„Тоа е согласно Договорот кој тоа го дозволува и им гарантира на граѓаните дека нема да имаат дополнителни издатоци за одредени документи и слично, односно ќе се почитува рокот за истекување на документите, изјави тој.

Инаку, Преспанскиот договор со Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 година. Во членот 10 од Договорот од Преспа е регулиран делот со документите за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Во договорот стои дека важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува во согласност со името и термините наведени во членот 1, став 3 од Спогодбата, најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила. Имајќи предвид дека Договорот стапи во сила во февруари 2019 година, документите треба да се променат во февруари 2024 година.

Оваа одредба се однесува на документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата, а такви документи се личната карта, пасошот и возачката дозвола.Дополнително на ова, иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019 година, тие не започнаа навреме да издаваат лични документи со новото име Република Северна Македонија. Издавањето на личните документи со новото име на државата започна дури во август 2021 година, односно со задоцнување од повеќе од две години, со што дополнително создаде хаос при чекањето за термини. Сите граѓани, пак, кои ги смениле личните документи во периодот од 2019 до 2021 година поради истекот на рокот, сега мораат да вадат нови, од својот буџет.

Поради сето ова погоре, а со оглед на тоа што граѓаните сепак од свој џеб плаќаат за личните документи кои сè уште се валидни, оценуваме дека изјавите од страна на Владата во 2018 година се невистинити.

ИЗВОРИ:
Радио Слободна Европа (21.07.2023 година): По 12-ти февруари, сите лични документи со Република Македонија, нема да важат, проверено на 05.09.2023 година;
Радио Слободна Европа (14.06.2018 година): Договор за името – одобрување и протести, проверено на 05.09.2023 година;

Скопје Инфо (07.11.2018 година): Личните документи нема да се менуваат се додека не им истече важноста, доколку Македонија и Грција ги ратификуваат договорите, проверено на 05.09.2023 година;Агенција Анадолија (13.02.2019 година): Стапува во сила Преспанскиот договор и промена на името на Македонија, проверено на 05.09.2023 година;Мета.мк (23.08.2021 година): МВР започна да издава лични карти со новото уставно име на државата, проверено на 05.09.2023 година.