МАРИЧИЌ : ПРАВИМЕ ЕДНОСТАВНА И ФУНКЦИОНАЛНА ПРЕГОВАРАЧКАТА СТРУКТУРА КОЈА НА БРЗ РОК ЌЕ ДАВА РЕЗУЛТАТИ

0
407

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во денешното интервју во вестите на Телма, изјави дека ревизијата на преговарачката структура е во тек и дека во моментот се прават интензивни меѓу-институционални консултации, потенцирајќи дека очекува до крајот на август да се презентира новата структура, согласно новата методологија.

– Имаме за цел да ја поедноставиме преговарачката структура во однос на тоа што беше усвоено во 2018 година. Структурата да биде поедноставна, пофункционална, затоа што треба за брз рок да даде резултати. Скринингот ќе биде многу интензивен, недела за недела, месец за месец, и некаде до март идната година ќе треба да комплетираме една фаза на Кластерот „Темелни права“, така што на тоа ќе се фокусираме прво, рече вицепремиерот Маричиќ.

Маричиќ во интервјуто истакна дека скринингот е сериозна операција којашто бара ангажман на сите институции, и дека имаме добра основа и стартна позиција бидејќи во 2018 и 2019 преку 2.000 наши државни службеници и експерти од институциите ги посетија тие скрининзи и имаат некоја подготовка.

– Динамиката којашто ни е договорна со Европската комисија бара од нас постојан ангажман, така што мислам дека сме добро подготвени за да почнеме, а секако ќе ја надградуваме таа структура со експерти и стручни лица надвор од институциите, бидејќи има многу поттеми за кои ќе ни треба стручната јавност и придонес од граѓанскиот сектор.

На прашањето дали граѓанските организации ќе бидат дел од процесот на преговори и каква улога би имале, вицепремиерот Маричиќ рече дека тие се многу важен елемент во процесот и дека веќе имале средба со нив, но тие средби ќе продолжат и во текот на летото, сè додека не се договорат за моделот за соработка.

– Тоа го пишува и во самата преговарачка рамка, дека процесот треба да биде инклузивен и дека треба да биде ангажирано целото општество, така што ние го сметаме ова како една важна национална задача во којшто треба да учествуваат и граѓанското општество и стручната јавност и бизнис секторот и секако Собранието и политичките партии, изјави Маричиќ.

Според вицепремиерот на граѓанските организации треба да им се даде суштинска улога бидејќи во некои области имаат значајна експертиза, којашто ја нема дури ни во институциите за некои делови, но дека од друга страна треба да биде јасно исцртана и одговорноста, бидејќи секој кој ќе добие суштинска улога ќе носи и дел од одговорноста, потенцирајќи дека тој процес треба системски да се одвива и треба, пред сè, да дава резултати.