МАРИЧИЌ – ПИЧ : ЗАПАДЕН БАЛКАН МОРА ВО ЕУ, НЕМА ДРУГА ОПЦИЈА ЗА ТРАЈНА СТАБИЛНОСТ НА РЕГИОНОТ

0
275

Денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ оствари средба со специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Лорд Стјуарт Пич, на која разговараа за текот на преговорите и идните планови на Северна Македонија на патот кон ЕУ, како и за политичките случувања во регионот.

На состанокот беше потврдено од страна на британските специјален претставник за Западен Балкан, Лорд Стјуарт Пич, дека Обединетото Кралство продолжува да дава поддршка на ЕУ интеграција на Западен Балкан, со очекување Северна Македонија да го забрза процесот на преговори со ЕУ, бидејќи и Маричиќ и Пич се согласија дека секое кочење на евроинтеграцијата ќе значи простор за мешање на трети страни.

Вицепремиерот укажа дека Северна Македонија припаѓа на заедницата на европски вредности и ја посочи важноста на политичката посветеност која ја имаме од Обединетото Кралство на патот кон ЕУ, како и севкупната поддршка во нашите демократски и реформски процеси.Соговорниците ја нагласија важноста од соработката и постојаната комуникација меѓу сојузниците и искрените пријатели како што се Северна Македонија и Обединетото Кралство, особено во сегашниот сложен геополитички момент.

Како НАТО партнери и сојузници на патот кон ЕУ Маричиќ и Пич кажаа дека и Северна Македонија и Обединетото Кралство имаат иста цел и заеднички работат регионот да успее во пристапните преговори за краток временски период и да ја забрзаме интеграцијата, како што кажа Маричиќ „со исполнување на обврските и задачите од Поглавјата 23 и 24, односно во делот на владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата, на што Владата е целосно фокусирана“.