МАРИЧИЌ НА БРИФИНГ СО КОЕЛА : РАБОТИМЕ ДА ГИ ДОБЛИЖИМЕ СТАНДАРДИТЕ И ПРИДОБИВКИТЕ ОД ЕУ ДО ГРАЃАНИТЕ

0
290

Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, денеска во Брисел одржа брифинг состанок со делегатите од работната група за проширување на Советот на Европската Унија, КОЕЛА, за тековниот процес на ЕУ интеграцијата на Северна Македонија, за реформската агенда и планот за следните чекори кои треба да се преземат на патот кон ЕУ.

Тој порача дека „работиме да ги доближиме вредностите, стандардите и придобивките од ЕУ до граѓаните“, потенцирајќи дека очекува со заеднички напори, за време на шпанското претседателство, процесот да влезе во нова, напредна фаза и Северна Македонија да продолжи кон полноправно членство во ЕУ.

Претставниците на државите членки на ЕУ во работната група КОЕЛА, ја потврдија силната и недвосмислена поддршка која нивните држави ја даваат за нашето продолжување на преговорите со ЕУ и брз напредок во евроинтегративниот процес.

Покрај краткото излагање за скрининг процесот и очекувањата од истиот, на  состанокот вицепремиерот се надоврза на подготовката и содржината на стратешките документи, Патоказите, како и на реформите во правосудството и борбата против криминалот и корупцијата.

Тема на интерес од страна на делегатите беше јавното мислење на македонските граѓани за преговарачкиот процес, за што Маричиќ посочи дека забрзувањето на процесот и давањето опипливи резултати и пред членството во ЕУ се најдобриот механизам за враќање на довербата во пристапните преговори со ЕУ и за брз развој на нашата држава.

Маричиќ, на прашање на делегатите од работната група за проширување на Советот на Европската Унија, КОЕЛА, се осврна и  односите со Бугарија, посветеноста на добрососедските односи и соработката со цел зајакнување на регионалната стабилност, како предуслов за напредок кон полноправно членство во ЕУ.

Вицепремиерот зборуваше и за предизвиците со кои се соочува Владата во испораката на обврските кои произлегуваат од  јунските заклучоци од 2022 година на Европскиот совет. Во тој контекст Маричиќ посочи дека за успех во преговорите со ЕУ е потребен конструктивен дијалог и консензус од сите, изразувајќи очекување дека час поскоро секој еден политички актер ќе ја разбере важноста и итноста да останеме во пристапните преговори. 

На состанокот присутни беа и заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, шефот на Мисијата при ЕУ во Брисел, Зулфи Исмаили и државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу-Халили.