МАРИЧИЌ – МИШЧЕВИЌ : СО ЗАЕДНИЧКА КООРДИНАЦИЈА И СОРАБОТКА ГО ЗАБРЗУВАМЕ ПАТОТ КОН ЕУ

0
436

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска е домаќин на српската делегација предводена од министерката за евроинтерации на Република Србија, Тања Мишчевиќ, со која на билатералната средба потпишаа Меморандум за соработка за прашања од областа на европската интеграција

На состанокот вицепремиерот Маричиќ рече дека со Србија имаме блиска соработка и традиционални врски меѓу двата народа, но она што е најважно е како што вели тој е дека „и двете држави имаат заедничка иднина, а Владите ист интерес: Да ги развиваме двете држави по европски терк и да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани“.

Маричиќ посочи дека почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, отвора уште едно поле на заеднички интерес со Србија, на кое интензивно ќе работиме во следниот период.

– Ова е уште една потврда дека даваме посебно значење на нашата соработка и натамошниот развој на севкупните билатерални односи, во исполнувањето на нашите стратешки цели. Со денешното потпишување на Меморандумот за соработка придонесуваме кон поуспешна подготовка и олеснување на процесот на пристапување во ЕУ. Искуствата и размената на знаење, информации, практики меѓу преговарачите, Групата на преговарачи, експертите вклучени во пристапните преговори, како и меѓу ресорните министерства и агенции во спроведувањето на политиките на ЕУ во сите Кластери, ќе ни биде важен придонес во ефикасното водење на процесот, рече Маричиќ

Министерката за евроинтеграции на Србија кажа дека долгогодишната и успешна соработка меѓу две институции, кои вршат стратешка работа за владите на Србија и Северна Македонија, денеска доби добра институционална рамка токму со Меморандумот за соработка во процесот на европска интеграција.

– Наша задача не е само да учиме едни од други, туку да се обидеме да најдеме заеднички пристап кон Европската унија и земјите-членки кога е во прашање конкретната имплементација на новата методологија, заеднички да одговориме на некои прашања, но и заеднички да отвориме некои, да се обидеме да ги направиме што е можно повеќе кон разбирање на потребите на нашите земји, рече Мишчевиќ.

Маричиќ се заблагодари за континуираната поддршка во евроинтегративниот процес од страна на Србија и се осврна на тековните реформски процеси и потребните уставни измени за продолжување на преговорите со ЕУ, потенцирајќи дека сега е особено важно да се задржи динамиката со оглед на новата геополитичка реалност, која даде нов моментум што треба да го искористат земјите од Западен Балкан за напредок кон ЕУ.

Вицепремиерот Маричиќ заедно со неговата колешка од Србија разговараа и за актуелните случувања во регионот и моменталните предизвици со кои се соочуваат двете земји.

После билатералната средба претставниците од двете институции ќе одржат работилница на која ќе ги разменат досегашните искуства во процесот на преговорите и ќе ги дефинираат следите активности кои треба да дадат позитивни резултати во забрзувањето на евроинтеграциите на двете земји.