МАРИЧИЌ : КВАЛИТЕТНИ СУДСКИ РЕФОРМИ И ДИГИТАЛИЗАЦИЈА ЗА ЕВРОПСКО И МОДЕРНО СУДСТВО

0
420

Реформите во правосудството се клучни за нашите граѓани и затоа треба да сме многу упорни и внимателни во овој процес, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во своето видеообраќање на европскиот Самит за дигиталзиација, на тема:„Придобивките од четвртата индустриска револуција како механизам за враѓање на довербата во судството“.

Во видеообраќањето Маричиќ истакна дека дигитализацијата на судството и употребата на вештачка интелигенција во судскиот систем не е веќе прашање на избор, туку на неминовност и мора да биде приоритет во реформите во правосудството.

Со првите опремени судници и овозможувањето на судења на далечина, создадовме услови за сите учесници во судските спорови да комуницираат дигитално. Дополнително ставањето во функција на дигиталните услуги за добивање потврди од казнената и прекршочна евиденција, направен е чекор напред во забрзување на овој комплексен процес, обезбедувајќи поголема ефикасност и ефективност на правосудниот систем, како и заштеда на време и пари, рече Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ вели дека Владата покажа искрена и силна заложба и посветеност во европеизацијата на земјата и изрази очекување за продолжување на соработката и поддршка од сите чинители на правосудниот систем, јавните институции, од меѓународните партнери и невладиниот сектор во спроведувањето на реформската агенда, со крајната цел враќање на довербата на граѓаните во судството и побрзо исполнување на стандардите и критериумите на најважниот и најкомплексниот Кластер во преговорите со Унијата, Кластерот Темели.

-Судските реформи треба да работат во корист на граѓаните и да продолжиме цврсто да чекориме кон постигнување на целосно или барем приближување на идеалот за владеење на правото, како што постои во повеќето земји од ЕУ, потенцираше Маричиќ на Самитот за дигитализација на судството.