СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ТЕШКО ЈА ДИСКРИМИНИРАЛ ОБВИНИТЕЛКАТА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА, ТРЕБА ЈАВНО ДА Ѝ СЕ ИЗВИНИ, УТВРДИ АНТИДИСКРИМИНАЦИСКАТА КОМИСИЈА

0
252

Комисијата утврдила потешка форма на дискриминација во два наврата, односно на два огласа на кои обвинителката се имаше пријавено за избор во Вишото јавно обвинителство Скопје. (Фото: СДК.МК)

Обвинителката Ленче Ристоска која го пријави Советот на јавни обвинители за тоа дека неправедно и без основа ја прескокнуваше и игнорираше на огласите на кои таа се пријавуваше за унапредување, го доби случајот пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

Комисијата утврди продолжена, потешка и директна дискриминација од страна на Советот врз Ленче Ристоска, врз основа на лично својство и општествен статус.

Комисијата утврдила потешка форма на дискриминација во два наврата, односно на два огласа на кои обвинителката се имаше пријавено за избор во Вишото јавно обвинителство Скопје. Првото објаснување беше дека била млада (додека на истата седница Советот унапреди и помлади од неа).

На вториот оглас, Советот измисли проблем кај Ристоска дека била на породилно отсуство, со што, како што констатира Комисијата, повторно ја дискриминира Ристоска, ја понижува во однос на другите кандидати, ја прави нерамноправна зашто била бремена (иако унапредува други бремени и породени обвинителки) и повторно не ја избираат во Вишото скопско обвинителство.

Натаму, КСЗД го истакнува како дискриминација и тоа што за Ристоска членовите на Советот на ЈО не обезбедија извештај за работата, туку за неа само беше кажано дека не работела крвни деликти и други истраги, туку работела организиран криминал и корупција како обвинител во Специјалното обвинителство. Советот не дискутира за нејзините резултати, но ја навредува јавно на седница констатирајќи дека имала мал број предмети, неспомнувајќи дека неа Јавниот обвинител Љубомир Јовески ја делегирал да остане во старите простории на СЈО, да работи само на тие истраги и да ги чува архивите и доказите во зградата, заедно со обвинителот Љубомир Лапе.

Комисијата препорача во иднина Советот на јавни обвинители да се воздржи од дискриминаторски практики кон јавните обвинители и да ја почитува и применува законски загарантираната заштита од дискриминација по сите основи, особено бременоста, раѓањето и мајчинството.

Поранешниот претседател на Советот Антонио Јолевски да ѝ се извини јавно на Ристоска за извршената дискрминација, во рок од 30 дена, донесе препорака КСЗД.
По одлуката на КСЗД, обвинителката Ристоска кажа дека време е декларациите за етика професионализам и интегритет во институциите да се заменат со практична и јавна поддршка на поединците кои ги пооседуваат овие квалитети.

„Во време кога е модерно да се декларират заложби за етичко лидерство во институциите и култура на професионален и личен интегритет, како и родова и секој друг вид на рамноправност, декларативноста треба да се замени со практична и јавна поддршка на поединците што ги поседуваат овие квалитети и ги водат овие битки. Воведувањето на мерит систем, наспроти практикување на дискрециони областувања, ќе влијае на зголемување квалитетот на работата и консеквентно на довербата во јавнообвинителскиот систем, бидејќи е едно од најсилните оружја против корупција, клиентелизам и дискриминација“, напиша Ристоска на социјалните мрежи.

Извор : СДК.МК