МАРИЧИЌ ЗА ,,АЛСАТ” : ПАРАЛЕЛНО СО ПРОЦЕСОТ НА СКРИНИНГ ЌЕ ГО ВОДИМЕ ПРОЦЕСОТ НА УСТАВНИ ИЗМЕНИ

0
595

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во интервјуто за „Алсат“ рече дека веќе влегуваме во фаза во која ќе треба паралелно да го водиме скринингот и да се работи интензивно на уставните измени, во наредниот период.

Мислам дека до завршувањето на скринингот има добри шанси да ги комплетираме уставните измени со едноставно прашање до секој пратеник, бидејќи ова е дилема којашто ќе се исправи пред секој пратеник: Дали сте за членство на Северна Македонија во ЕУ или не? Ова е суштинското прашање на кое треба да се одговори, вели Маричиќ.

Вицепремиерот истакна дека според Владата содржината на тие уставни измени не е проблематична, бидејќи се работи за нешто што веќе го имаме во Уставот за повеќе заедници и додавањето на уште неколку заедници, меѓу кои и бугарската, не го гледаат како суштински проблем, напротив за Маричиќ само може да го збогати нашиот Устав и нашето општествено милје.

– Ние веќе од 1991, од независноста, сме се определиле и за ЕУ и за НАТО, веќе сме членка на НАТО и исцртан ни е патот кон ЕУ. Ги почнавме преговорите, дали успешно ќе ги продолжиме и завршиме зависи само од нас. Затоа е битно ова секој пратеник да го има предвид кога ќе ја носи одлуката.

Маричиќ во интервјуто го објасни и процесот на скрининг и изјави дека скринингот според веќе презентираниот календар започнува на 15-ти септември, а до крајот на овој месец дека ќе ја претстави преговарачката структура.

– Ќе биде многу интензивно, секое поглавје ќе трае неколку дена, зависно од тоа колку е обемно. Важно ќе биде сите со внимание да ги следиме презентациите и да учествуваме активно во нив затоа што тоа ќе биде основа за претставување или поставување на критериумите за отворање и затворање на поглавјата понатаму, кажа Маричиќ во интервјуто.

Маричиќ дополни дека овој процес ја мобилизира македонската администрација и е многу важен за истата, бидејќи треба да ни ја даде сликата до каде сме со усогласување со европското законодавство, што уште треба да направиме, но и како во пракса да се спроведат полесно и побрзо тие правила.

На прашањето дали отворањето и затворањето на кластерите ќе биде едноставно и кои кластери се очекува да бидат најтешки, вицепремиерот Маричиќ одговори дека најзначаен со најголема тежина, поставена од самата нова методологија на преговори, е кластерот на „Темелни вредности“, кој прв се отвора, последен се затвора и останува отворен во текот на целите преговори, но дека има и други кластери коишто не се помалку тешки и помалку важни, посочувајќи го Кластерот „Внатрешен пазар“ како најобемен.

Вицепремиерот Маричиќ потенцираше и дека покрај на подготовките за скринингот, паралелно и непречено се работи на превод на европското законодавство и дека и оваа година очекува да се држи темпото од минатата година, кога беа преведени преку 17 илјади страници.