МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ : НИКОЈ НЕМА ДА МЕ ВРАЌА ВО СДСМ ЗАТОА ШТО СТАТУТАРНО СУМ СЕУШТЕ ЧЛЕН НА ПАРТИЈАТА, СО НЕТРПЕНИЕ ЈА ОЧЕКУВАМ СЛЕДНАТА СЕДНИЦА НА ЦО, НА СДСМ МУ СЕ НЕОПХОДНИ РАДИКАЛНИ ПРОМЕНИ

0
1169

Никој не може да ме враќа во партија од која никогаш немам излезено и согласно статутот на мојата СДСМ сѐ уште сум член и воедно со нетрпение ја очекувам седницата на ЦО на која ќе разговараме и за мојот статус, но и за погубните политики на дел од раководството кои не доведоа во оваа состојба.

На СДСМ му се неопходни радикални промени и трансформации по вертикала и хоризонтала и начинот на практикување на власта, елиминација на лукративно – клиентелистичкиот пристап кои треба да бидат заменети со вистински државотворни политики базирани на идеологија во кои граѓанскиот ќе биде пред партиско – личниот интерес.

Ние власта од граѓаните ја добивме за да бидеме различни, а не исти или слични со претходните. Очекувам реализација на најавените оставки и кадровски смени во владата, но и во партијата бидејќи едно од нашите начела беше и дека “Зборот е збор”.

Граѓанскиот концепт “За наше Куманово” е формиран токму поради различностите со владата и несогласувањата со дел од раководството на нашата партија и убедливо ја доби поддршката на кумановчани кои за нас се приоритет во моментов.

Оваа силна поддршка за мене и луѓето од овој концепт е мотив повеќе за поголема посветеност во трансформацијата на Куманово, но и во борбата за поголема демократизација на државата.

Изминатиот период притисоците кон мене и нашите поддржувачи беа огромни, доаѓаа од луѓе кои се нарекуваат “мои сопартијци”, нема простор за разговор ниту договор со такви кои што срушија се, излегоа од начелата на СДСМ и се користеа со груевистички методи.

Нема да дозволам да бидам дел од нечии игри за собирање на евтини политички поени, мојот фокус во моментов е да ги реализирам сите ветени проекти за кои што добивме доверба од граѓаните притоа водејќи се по реални социјалдемократски начела.

Фејсбук статус на градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.