ФОКУС : БИТКА ПО БИТКА МИЈАЛКОВ ЈА ДОБИВА ВОЈНАТА – ОД 6 ПРЕДМЕТИ ЗА КОИ БИЛ ОСУДЕН, 5 ПРЕДМЕТИ ,,ВИСАТ”, ЕДИНСТВЕНО ,,ТРЕЗОР” НЕ МОЖЕ ДА ЗАСТАРИ

0
548

Од 6 предмети за кои бил осуден поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, 5 предмети „висат“, единствено „Трезор“ не може да застари. Сега во тек се повторените судења за „Таргет-тврдина“ и „Трезор“. Со оглед на тоа дека на почетокот кога му се поднесуваа обвиненија и му се изрекуваа пресуди, на Мијалков му се собираа десетици години затвор, за некоја година може да биде слободен, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.

Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ, ФОКУС.МК

Ако по падот на ВМРО-ДПМНЕ се броеше колку обвиненија и колку пресуди има донесено против Сашо Мијалков, сега се брои од колку предмети ќе се спаси.
Ако се направи една кратка анализа, од 6 предмети во кои се гони Мијалков, сите „висат“, односно или се застарени или Апелација ја има укинато првостепената пресуда. Од еден случај е ослободен, 4 се или застарени или се пред застарување, а 1 е укинат.

Последниот петок, пак, беше среќен за Мијалков, Апелација му ја преиначи затворската казна за случајот „Плацовите на Водно“, во условна осуда. Предметот не го врати на повторно одлучување, како што беше пракса досега, туку донесе одлука што е мериторна, односно правосилна.

Ова е прв предмет за Мијалков, за кој Апелација одлучил мериторно, додека другите предмети ги враќаше на повторно судење, иако застаруваа.

Еден ден претходно, пред одлуката за „Плацовите на Водно“, истиот суд ја потврди ослободителната пресуда за случајот „Тортура“. Судот објави дека ја потврдува ослободителната пресуда што ја донесе Основниот кривичен суд за Мијалков и припадниците на поранешната полициска единица „алфи“ во случајот „Тортура“.
И додека за „Плацовите на Водно“, Апелација ниту еднаш не го врати случајот на повторно судење, а за „Тортура“ пресудата беше јасна, разбирлива и без суштествени повреди, за случајот за најбитниот случај, за кој и се формираше Специјалното јавно обвинителство, односно за масовното прислушување, Апелација се мислеше и го врати случајот пред да застари.

Со оваа одлука на Апелација, големи се шансите Мијалков да се „извлече“ од случајот, бидејќи неговото дело застарува за 2 години.
Поточно, на почетокот на 2025 година застаруваат делата на обвинетите за масовното прислушување, што би значело дека во рок од 2 години од сега, при повторување на постапката, ќе треба да се донесе нова првостепена пресуда и таа да стане правосилна. Во спротивно, сѐ досега ќе пропадне во вода.
За да се добие целосна слика, првиот пат, пак, само за носење на првостепената пресуда беа потребни повеќе од 3 години. Ваквото сценарио најмногу му одговара на Мијалков, кој Кривичниот суд го осуди на 12 години затвор.

Минатата година во февруари му застари делото за „Примање награда за противзаконито дејствување“. Другите 2 дела застаруваат за 10 години од сторувањето, или точно на почетокот на 2025 година.Но, застарувањето претставува опасност само за делот со прислушувањето, односно за „Таргет“. Вториот дел од предметот „Тврдина“, кој се однесува на уништувањето на опремата за прислушување, не е под ваква закана.

Претходно, Апелација ја укина првостепената пресуда и за случајот „Трезор“ за начинот на набавката на британска опрема за следење на комуникациите, за што поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, и ексфункционерите на Управата и на МВР, Горан Грујевски, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски добија повеќегодишни затворски казни од страна на Кривичниот суд во Скопје.
И во овој случај каде што Мијалков беше осуден на 8 години затвор, Апелација констатирала дека првостепениот суд сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривична постапка.

На 7 април, пак, застарува случајот „Титаник 2“, а до тогаш Апелација треба да одржи јавна седница и да донесе одлука со која Мијалков ќе го осуди или ќе го спаси. За овој случај, 5 години не беше донесена правосилна пресуда.
Судењето почна во април 2018 година, осудителна пресуда од Кривичен беше донесена во март 2019 година, но Апелација во декември 2019 ја укина и го врати предметот на повторно судење.

Кривичното дело за кое се гони Мијалков, „Примање награда за противзаконито влијание“ застарува на 7 април годинава, затоа што дејствијата за кои се товари се до 5 години затвор (апсолутна застареност настапува за 10 години).
Тој се гони за учество во изборни нерегуларност на локалните избори во 2013 година.
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ

“ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК