МАКЕДОНЦИТЕ ПРЕЗАДОВОЛНИ ОД ЦЕНОВНАТА ПОНУДА ВО РАЈСКИОТ ДЕЛ СО ТРИ КИЛОМЕТРИ ПРЕКРАСНА ПЛАЖА ОД ВТОРИОТ КРАК ,,САРТИ”

0
610

Ако сте решени летниот одмор да го поминете во Грција, меѓутоа сѐ уште немате одлучено кое туристичко место да го посетите, тогаш дефинитивно треба да размислите за Сарти.

Станува збор за мало место кое се наоѓа на источниот брег на Ситонија со поглед кон Атос и Света Гора. Некогаш било рибарско место, а денес во потполност е насочено кон туризмот.

Го краси 3 километри долга песочна плажа преполна со ресторани и со барови, а за оние кои сакаат да истражуваат, во близина се наоѓаат едни од најубавите плажи на Ситонија: Кариди, Оринџ Бич, Климатариа, Платаници, Гоа Бич, Арменистис…

Сарти има сѐ што е потребно за задоволување на потребите на туристите: маркети, ресторани, таверни, кафетерии, барови, продавници за сувенири и поволна географска положба за истражување на Ситонија.

Денар разговараше со туристи од Скопје кои го посетија Сарти токму ова лето.

⦁ Сарти е прекрасно место. Плажите ме воодушевија, особено дивите плажички до кои се спуштивме 20-тина минути. Оринџ Бич не смеете да ја пропуштите, кристална вода, бели карпи, милина. Исто и Каламици, водата е како на Оринџ Бич, но е уште покристална. Каламици плажата е малку подалеку, 12 километри од Сарти, но вреди за секој километар. Водата е постудена, подлабоко е, но треба да се посети. Помеѓу Сарти и Каламици има една плажа која се вика Гоа Бич, но таа не е ништо посебно. Лежалките се околу 3 до 4 евра за цел ден со кафе, на секоја плажа во Сарти. Во врска со самото местенце, Сарти е мало место, убаво средено, навечер има нешто како чаршија во центарот. По текот на градската плажа има многу фини барови и ресторани со пристапни цени, освен на коктелите кои беа изгор. Доколку одите таму, подобро би било да пазарувате во помалите маркети, затоа што тој најголемиот маркет во Сарти е изгор скап. Ние, во глобала, надвор се храневме и реално не потрошивме многу пари. За сместување советувам да си најдете на лице место, затоа што многу агенции се трчи-лажи и најужасните места се нивни. Се наоѓаат солидни местенца за околу 50 евра од ноќ – раскажува Михаела од скопско Бардовци.

Фросина од Капиштец, пак, е искрено воодушевена од Сарти.

⦁ Во Сарти сум била неколку пати. Првиот пат преку агенција, а потоа во сопствена режија. Местенцето е распослано во должина на самата плажа и било каде да најдете сместување, плажата ќе ви биде блиску. Плажата е прекрасна со ситен песок, а водата во морето е кристално чиста. Кој сака и не мора да оди на околните плажи бидејќи и самата плажа на Сарти е прекрасна. Посебно ми се допаѓа тоа што е огромна, па и да е преполно со туристи, на плажа секогаш имате комоција. За цените мислам дека е малку „посолено“ од останатите туристички места, на пример Паралија, особено ако сте во Сарти среде сезона. Сместување нема поевтино од 50 евра, а оние куќи на самата плажа се многу поскапи. Климата во Сарти мене лично ми одговара, затоа што навистина постојано дува ветер, дури и кога е пеколна горештина. Како и да е, препорачувам на секој да оди и ако ништо друго максимално ќе се изнаужива во преубавата кристално чиста и топла вода во морето – раскажува Фросина.

Читатели на Денар ни испратија ценовник од еден од најпознатите и најатрактивните бич-барови во Сарти.

Како што е наведено во менито, едно ладно нескафе чини 3,5 евра, капучиното е 4 евра, американото е 3,4 евра, макијато е 4 евра, газираните сокови чинат 3,5 евра, енергетските пијалаци се 6 евра, најевтиното пиво е 4 евра, а коктелите се продаваат по 9 евра.