ЛУКАРЕВСКА : ЈА РАБОТИМЕ ПОБЕДНИЧКАТА ПРОГРАМА НА СДСМ ЗА НОВИОТ МАНДАТ ОД 2024

0
340

Заедно со претседателите на партиските комисии ја работиме победничката програма на СДСМ за парламентарните избори, рече заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска во интервју за Радио Канал 77.

-Заедно со претседателите на партиските комисии ја работиме победничката програма на СДСМ за парламентарните избори оваа година. Тоа ќе биде нашата понуда за новиот мандат, бидејќи ние ќе ја формираме идната Влада во 2024 година. Многу имаме направено досега, но малку се имаме пофалено. Бевме сведоци во минатото кога три пати се сечеше лента за една иста работа, ние се обврзавме дека така нема да функционираме и дека така не треба да се функционира, истакна Лукаревска.

Таа додаде дека е убедена дека она што СДСМ ќе го понуди, од кадровски аспект и од програмски аспект и она што ќе се понуди на терен во разговор со граѓаните ќе ја донесе победата и ќе овозможи формирање на Влада.

-Уште во 2016 година кажавме дека ќе бидеме членка на НАТО и ЕУ. Тој процес до половина го завршивме. Сега кога сме на дофат да успееме да се качиме на европскиот воз не смееме да дозволиме од дома да ни се прават проблеми кога сите од надвор сакаат да успееме. Едноставно нема нови преговори за постигнати договори, заклучи Лукаревска.

СДСМ има голем кадровски капацитет и потенцијал, драго ми е што партиите се приклучуваат на европскиот фронт, додаде Лукаревска.

-Европскиот фронт за нас претставува единство, еден вид на интегративен процес и се она што значи добробит на граѓаните а го носи европската иднина, заклучи Лукаревска.

Дискусијата за заеднички листи со партија од албанскиот блок, односно нашиот коалиционен партнер ДУИ и Алијанса се одвива, меѓутоа истото ќе биде предмет на дискусија и во наредниот период, потенцираше Лукаревска во интервју за Радио Канал 77.