ПАНДЕМИЈАТА, ОБЕМНАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ВАУЧЕРИ И КАРАНТИНИТЕ ВО ДРУГИТЕ ЗЕМЈИ ИМ СЕ ОГРОМНА ПРЕЧКА, ОХРИДСКИ ХОТЕЛИЕРИ: БАРАМЕ ДРЖАВНА СТРАТЕГИЈА ВО ТУРИЗМОТ, ЛЕТОВО НЕМА ДА ИЗЛЕЗЕМЕ ОД КРИЗАТА

0
671

Хотелските капацитети во Охрид и Струга летово се исполнети повеќе од половина. Максимална исполнетост од 80-90% хотелиерите очекуваат околу Илинден.

Претседателот на Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ, Крсте Блажески рече дека сепак тоа нема да ги извади од кризата во која се наоѓа целиот сектор.

“На Охридскиот аеродром вчера слета првиот авион од „Птуј“. Но тоа ќе бидат само еден или два чартер летови неделно, во зависност од побарувачката и е мала помош, инекција во исполнување на сместувачките капацитети. Пред пандемијата овој период имавме пет-шест чартер летови неделно од холанѓани, па и од други држави, кога хотелите беа значително исполнети. Во текот на идниот месец очекуваме исполнетоста да биде над 70 проценти, но тоа не не вади од кризата. Ако погледнеме статистика за првите шест месеци од годината кога немаме ништо, овој месец нема да не извади, туку малку ќе ублажи” – рече Блажески.

Дополнителен удар е барањето на некои земји членки од ЕУ, по престој во одредени држави да се помине задолжителен карантин. Тој не очекува значајни ефекти ниту од ваучерите за домашен туризам, кои ги дава Владата.

“Државата дава 250 000 евра за ваучери за домашен туризам, за кои беа потребни многу документи. Со оглед на тоа мислам дека нема ни пола да се искористени и ефектот од сето тоа нема да биде постигнат” – рече Блажески. Тој смета дека потребна е стратегија, која треба сега да почне да се изработува за идната година.