ЛЕКАРСКА КОМОРА : СИТЕ ЛЕКАРИ НЕ СЕ ОДГОВОРНИ ЗА ПОСЛЕДНИТЕ СЛУЧУВАЊА ВО ЗДРАВСТВОТО, ВЕДНАШ ДА ПРЕСТАНЕ ЕТИКЕТИРАЊЕТО

0
316

Лекарската комора на ги осудува обидите на вчерашниот протест сите доктори да се етикетираат како виновници за последните случувања на Клиниката за онкологија.

-Лекарската комора го почитува правото на протест на сите граѓани, но изразува силно несогласување и ги осудува обидите на вчерашниот протест сите доктори да се стават во ист кош и да се етикетираат како виновници за последните случувања во здравствениот сектор нарекувајќи ги “убијци” и повикува тоа веднаш да престане, бидејќи така засилено се поткопува довербата меѓу лекарот и пациентот што е клучна за што поповолен исход на лекувањето, соопшти ЛКМ.

Од ЛКМ велат дека уште во саботата реагираа за изнесените сомнежи за злоупотреби на Клиниката за онкологија и радиотерапија, и ги оценија како вознемирувачки и побара што побрзо расветлување на настаните и дознавање на вистината.

-Повторуваме дека ниту еден пациент не смее да биде оставен без терапијата која му следува и во никој случај не смеат да се дозволат манипулации со цел остварување на материјална корист од страна на поединци. Доколку во законските постапки коишто ги водат надлежните институции се докаже дека одредени лекари биле вклучени во злоупотреби на онколошка терапија, со што нанеле штета на здравјето на пациентите, органите на Комората без одлагање по добивање на релевантен доказ или судски пресуди ќе постапат во рамките на своите надлежности за санкционирање и ќе изречат максимални санкции, соопшти Лекарската комора.Комората изразува длабоко жалење за загубите на пациентите и членовите на нивните семејства кои ја изгубиле битката во борбата со канцерот.

-Но, апелираме, додека трае процесот да не се создава масовна паника и да не се генерализира дека сè во здравството не е добро и дека сите лекари ги манипулираат своите пациенти. Тоа не е точно и е на штета на пациентите. Најголем дел од докторите во нашата држава секојдневно, професионално, одговорно и чесно ги лекуваат пациентите и се обидуваат да им пружат максимално ниво на квалитет на здравствена заштита, согласно условите во кои работат. Трудот на овие професионалци треба да се вреднува и почитува и тие не треба да се поистоветуваат со поединци кои постапувале поинаку од она што го налага медицинската етика и медицинските протоколи, соопшти Лекарската комора.