Така зборуваше „скопскиот Аџија“

0
1180

Кој велит бе, дека Скопје не чинит? Тук тропет глупости нешчо?

Ете, јас, на 8 март бев во ресторанот „Пелистер“ среде Скопје, чекајќи да се сретнам со еден многу драг пријател. Седејќи така, во „Пелистер“, се сетив на неговиот битолски врв Баба, и се сетив на татко ми, а гледајќи го „Скопје 2014“, воздивнав – „Оф, леле, мајко мила!“, и се сетив дека треба на мајка ми да и го честитам 8 Март.

И пак, ми дојде тој познат момент, кога вдишуваш Скопје, а сакаш да издишиш Охрид, демек сакаш од Скопје, в’част да се најш во убајте пусти ранопролетни охридски плажи.

Но, внимавајте што ќе си посакате, з’ш мојт да ви залетнит желбата, з’то шо мојт плажата да е од оние на Субрата Рој, а то мојт да значит – вдишви „Скопје 2014“, издишви „Охрид 2018“, и шо прајме после со туризмот?!?!?

По прекрасните, повеќе од саат пријателски разговор, се упатив кон „Мавровка“.

Мислите ми беа како разбранувано „ејзеро“, ми се судираа како „Крамер карши Крамер“, како „далга карши далга“.

Едната „далгoвна мисла“ беше предлогот на Тодор Петров и неговата приватна своина – СМК, за изградба на споменик посветен на Фан Стилијан Ноли, инаку еден од моите лични интелектуални идоли.

Зачудувачки позитивниот предлог на „Теодор Херцл Петров“, беше претставен како знак за Чаир/Бутелско помирување, по погрешното разбирање на Делчевата максима за „полето и културата“.

Ако е – од кого е, кога е добро, добро е… Ако Тодор Петров доживеал преиначвење како ‘Пат за Дамаск’, треба сите да се радуваме. Замислете, среде војна во Сирија, да се осмелиш да ојш за Дамаск, каква храброст еејј, а оттаму сите бегет кун нас, и то к’ј најдоа баш сега да бегет?

Ова храброст од Тошета, заслужува сите топтан да ојме кај Беќир во Чаир, и да го замолиме да ни зафрчит на сите по една шлаканица, за сите да го видиме Дамаск и да се преиначиме, з’ш исто ќе ни се фатит, ак не ојме ние к’ј Беќо, ќе си дојт Беќо по нас.

Другата мисловна ‘далга’ беше колумната на Ирена Радовановиќ, „Се гордеат со Мајка Тереза, а крстот им пречи“ („Дневник“ од 05 март 2016). Со ова, госпоѓата Радовановиќ направи вистински политички ерес.

Замислете која дрскост од Ирена?! Таа се осмели Мајка Тереза да ја нарече повеќе од скопјанка, и бесрамно и го кажа името Гонџе Бојаџиу, но и уште повеќе од тоа. Таа дури ја нарече Албанка?!?

Ееејјјјј, замислете до кај стигна работата?!? Најпосле Скопјанката Мајка Тереза, стана Албанката Гонџе Бојаџиу, после толку години магарешко инаетење, и за сé е виновна Ирена.

Така замислен, сум поминал покрај киоскот за тостови и не сум го забележал сопственикот/работник на киоскот, младиот скопски Аџија, којшто викна по мене : „O Goni, ku po ik k’shtou pa fol, pash Zotin? Paja knena“ (Еј Гони, каде бегаш вака без да прозбориш, жити Господ? Ела, дојди ваму). Ела ваму Гони, да ти кажам еден муабет, оти вие школуваните Албанци мислите дека ние што сме по верата, не знаеме ништо, дека сме заостанати и глупави.

„Никако Аџија, ти знаеш дека тоа не е вистина“, му одговорив разбуден од мислите, „секогаш кога сум во Скопје, јас доаѓам кај тебе на муабет. Ај, кажи ми што има ново“.

„Знаеш ли, што се случило еднаш“, ми вели младиот скопски Аџија, „во еден побожен град, сличен на овој нашиов? Ѓаволот направил едно многу убаво дрво со раскошна и голема сенка. Луѓето од градот, место да си одат во блиската џамија, почнале се повеќе и повеќе од нив, да одат под дрвото, и таму да си денгубат. Бројот на верници растел под дрвото, а се намалувал во џамијата, и Ѓаволот се радувал. Еден честит верник, праведен муслиман се налутил на оваа ‘ѓаволска работа’ или ‘шејтан иши’, и решил да си ја земе работата во свои раце. Ја зел секирата, и тргнал да го исече дрвото. Решителен и поткован, со чисто срце, на пат кон дрвото, се сретнал со шејтанот, со Ѓаволот преправен во човечки лик.

Каде си тргнал со таа секира пријателе, го прашал Натемаго.
Да го сечам дрвото, одговорил.
Зошто да го сечеш дрвото, види колку е убаво?
Токму затоа, затоа што е преубаво, затоа ќе го сечам, а сега, тргни ми се од патот, да не настрадаш и ти.
Се фатиле во костец, и правичниот човек, во миг го надвладеал Ѓаволот, и токму кога сакал да го удри со секирата, тој му подал еден златник, и му рекол:

Ете, земи го овој златник, и немој да го сечеш дрвото уште денес, сечи го утре.
Правичниот човек застанал и се замислил…Па, јас, и така и така ке го сечам ова дрво, таков ми е ниетот. Што разлика прави еден ден, кога поминале толку многу досега, со постоечково шејтанско дрво? Ако ништо друго, ќе имам еден златник повеќе, и утре – дрвото, тука мрдање нема, сигурно ќе го исечам.

Го зел златникот, и си заминал дома со неупотребена секира. Утредента станал рано, ја зел повторно секирата, и ја отворил вратата да излезе и да го заврши тоа што самиот себеси си го ветил. Пред врата имало еден златник. Човекот разбрал дека златникот е нов поткуп, уште еден купи-ден помини. Го зел златникот, мислел на тоа што може да направи со златниците, и мислел што и колку неисполнети желби имал во животот, и колку денови/златници треба да поминат, за конечно да го исече дрвото.

Следниот ден, станал, ја зел секирата и ја отворил вратата, сакајќи да си го земе третиот златник, но таму, на куќниот трем, немало златник. Тогаш, Праведниот човек, налутен и изнервиран како никогаш порано (ем дрвото многу лошо, ем немало златник / особено зш немало златник), тргнал со секирата кон дрвото. Повторно пред него излегол Ѓаволот, и го прашал каде оди. Човекот му рекол да се тргне, оти сега вистински ќе настрада. И повторно вкрстиле раце, но овојпат Натемаго го кутнал човекот. Изненаден и многу уплашен, човекот го прашал тој што си дошол по своето.

Како тоа ти ме кутна, кога само пред некој ден јас те совладав толку лесно?
Еее, пред некој ден, рекол Натемаго, ти беше со чиста совест, силно воден од праведна мисла, денес имаш два златника во џебот. Тие те прават тебе слаб, а мене многу силен.
„Разбра ли Гони?“, ме праша скопскиот Аџија. Овие нашите, албански политичари, ни велат, вие носете го Скендербег во вашите срца, а ние ке го носиме „Тендербег“ во нашите џебови. Пред секои избори, почнуваат како овој Праведниот од прикаската, со нов чист ниет и нова силна верба, но завршуваат расипани и ослабени во душите и со златници во џебот. Дрвото веќе не им е важно, колку подоцна да го сечат, толку повеќе златници ќе си соберат.

П.С: Некаде околу Даут Пашин амам, чистачот на чевли, ме засрами пред сите присутни и забрзани скопјани. Се развика на сиот глас: „Господине, да, вие господине, дојдете ве молам, да ги исчистиме вашите чевли!“.

А бре, мајсторе, ќути, му реков, не ме срами, разбра цело Скопје дека ете, дојде едно дете-селанче од Охрид, и кондурите му се скорни, неисчистени…

На ова си помислив: А бе, к’k не измислеа еден нов вид на луѓе, ЧИСТАЧИ на човечки души за човечки катарзис. Овие луѓе, овие Чистачи, би ги следеле будно нашите политичари во Македонија, и на тие со нечисти души, би покажувале јавно и храбро со показалец, би им се развикаале на сиот глас… Како свиркачи – wistleblowers, да бидат со политичарите, како чистачот на чевли, работливиот родител од Шутка, со моите нечисти чевли.

Некој ЧЧД (чистач на човечки души) би викнал смело, пожртвувано и храбро: Ти, да ти, ти корумпиран, расипан политичару, дојди ваму да ти ја исчистиме и да ти ја изрибаме душата со Уставен закон, и да те потсетиме дека треба да му ги вратиш украдените пари на народот. Само што го помислив ова, се сетив дека за среќа такви ЧЧД веке постојат, и се наоѓаат во цивилниот и невладиниот сектор. Тоа се сите тие, „соросоидите“ коишто секој ден се собираат пред Уставниот суд и гласно ги повикуваат неодговорните на одговорност. Но, тоа се и другите осиромашени земјоделци излажани со „ти давам помалку за да ти земам повеќе субвенции“. ЧЧД е секоја мајка која не знае што да прави со гладното и болно дете. Чистач на Човечки Души е оној кој ровари по контејнери. ЧЧД е оној кој тивко и богобојажливо пали свеќа во Црква, ЧЧД е оној кој ревносно, со измиено тело, се моли по пет пати на ден. ЧЧД е и оној кој чува и се грижи за 300 овци, и од високи планини, гледа кон градот, и размислува за расипаноста на политичарите…

Тогаш се сетив на Катица Јанева и на нејзините коњаници во Специјалното јавно обвинителство. Тоа ме потсети на незаборавниот филм „Седумтте самураи“ на Акира Куросава. Ме облеа силен оптимизам, и силна желба да им честитам 8 Март на Јанева, на Фатиме Фетаи и на Ленче Ристовска. Среќен 8 Март г-ѓо Јанева и г-це Ристевска, gëzuar 8 Marsi z-nja Fetai!

Ви пожелувам брза и успешна работа!

Знам дека сите знаеме, но да си повториме, Македонија и нејзините граѓани се во прашање !

Затоа што и ти си Македонија!

Агрон Биба

Колумната е објавена на Цивил Медиа