КУНОВСКА : СДСМ ОДИ ПО ПАТ НЕМА ВРАЌАЊЕ, А ТОА НЕ Е ДОБРО НЕ САМО ЗА СДСМ, ТУКУ ПРЕД СЕ ЗА ДРЖАВАТА

0
210

Немам конкретни информации, но од страна гледано изгледа дека целата ситуација е резултат на раслојување, апатија и револт од потенцијални партиски пазарења со кои поединци ќе си го продолжат партискиот живот на вискоки позиции, не водејќи сметка за тоа дека местото за опозициско делување нема да остане долго непополнето. Ако не е СДСМ силна опозиција, ќе биде некој друг, вака во разговор за „Локално“ вели поранешната пратеничка во Собранието и поранешен советник во Советот на Град Скопје, Софија Куновска за случувањата околу Конгресот во довчерашната владеачка партија.

Според неа, актуелната пратеничка група на СДСМ не може да се спротистави жестоко доколку новата власт не ги исполнува ветувањата или пак продолжи по истите патеки како властите во последниве петнаесетина години. Куновска оценува дека истите пратеници кои беа казнети на последните избори не можат да бидат нов квалитет, нова надеж или ново лице на СДСМ.

-Ако не можеа да бидат од полза за граѓаните од позиција на власт, од опозиција уште помалку. СДСМ може да заздравува и да го врати сонот за победнички патеки само со енергични, бистри и искрени луѓе неоптоварени од клиентелизам и дамки од минатото, децидна е соговорничката. За кандидатите за лидери на партијата и дали може да се споредат со „тешкашите“ во СДСМ и поранешни шефови како Бранко Црвенковски, Владо Бучковски и Радмила Шекеринска, Куновска посочува дека нема намера некого да глорифицира ниту пак да омаловажува.

-Фактите се немилосрдни и сведочат за следното: Во 2013 откако СДСМ загуби на локалните избори, новодојдениот претседател Зоран Заев и заменичката Шекеринска ги исчистија соработниците на претходниот претседател и пред органите на партијата побараа доверба за нивниот нов тим. Ја добија. Скандалозно беше дека имаше потпретседател на СДСМ од поранешната МААК на пример, но сепак тимот доби доберба. Кога пак Заев дојде на чело на владата во својот тим интегрираше поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ (Ден Дончев) инаку свој роднина, потписници на ВМРО-вските списоци на професорски контрапленум и блиски соработници на Груевски како Рашковски, Филипче кој беше и советник на тогашниот министер за здравство од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров итн, објаснува поранешната пратеничка од редовите на СДСМ. По наводното, поточно лажното заминување од челната позиција на СДСМ и владата по поразот на локалните избори во 2021 година, тврди Куновска, Заев инсталираше свое решение за прв човек и на партијата и на владата.

-Двојните стандарди кога доаѓа и заминува Заев се повеќе од очигледни. Едно правило важи кога Заев доаѓа, а друго кога Заев заминува. Денес, после катастрофалниот пораз на претседателските и парламентарните избори повторно влијае на изборот за наследник на Ковачевски иако демократската јавност бара дисконтинуитет од неспособноста на од него избрани и назначени кадри, да испорачаат адекватни политики и вистински општествени реформи, анализира соговорничката. Според неа, на внатрепартиските избори на 30-ти јуни ќе се прави избор на кој еден губитник треба да се замени со друг губитник. Тврди дека тоа е повторно во режија на Заев и оттаму смета дека внатрепартиските избори треба да се одложат на неодредено време.

-Конгресот треба да донесе одлука за преодно техничко раководство кое ќе носи вонредни одлуки за внатрешни реформи кои ќе обезбедат минимум гаранции дека СДСМ има внатрешен потенцијал да се промени на подобро. Во спротивно, треба да бидеме искрени, следи исчезнување на можноста моќен СДСМ со габарит за враќање на власт воопшто да постои на политичката сцена. Тоа е реалноста му се допаѓала таа некому или не, ни рече Куновска.

За тоа дали некој од кандидатите за претседател можат да ја кренат партијата на нозе, поранешната советничка во Град Скопје наведува дека процесот на заздравување на СДСМ бара комбинација од авторитет, кадарност, знаење, искуство и чесност.

-Луѓето кои ја доведоа СДСМ до овој пораз се проблем, а не решение за СДСМ. Би сакала да можеше од сите доскорешни функционери да се издвои некој со јасни ставови, дистанца од корумпираните поединци од власта, што можеби ќе доведеше до внатрешно освестување. За жал, сите си ги следеа само своите кариери и можноста за опстанок во хиерархијата на партијата, без оглед дали е СДСМ победнички или губитнички. Да се јавеше барем еден кој ќе беше вокален во партијата или надвор од неа и ќе изразеше став поинаков од партискиот за измената на членот 353 од КЗ, за покачувањето на платите на функционерите, за Бехтел и Енка и низа други скандали, можеби ќе гледавме денес со други очи на него, нагласува Куновска.

Запрашана дали очекува кој и да биде избран за прв човек на СДСМ, останатите да застанат зад него или ќе видиме повторно поделеност во партијата која може подолго време да ја остави во опозиција, Куновска одговара дека „ништо не очекува“.

-Посакувам тоа ужасно агресивно итроманско силеџиско однесување, кое подразбира борба со сите средства и по секоја цена да се контролира заднински партијата, за да се тргува за своја сметка и свои интереси, да биде поразено. Очекувам и дека има поединци или група во партијата кои ќе се спротистават пратеничката група на СДСМ да служи за плодоуживање на имунитетот на поединци во собранието.

Мене совеста ми е чиста. Јас повеќепати укажав. Многу внимателно зборував и пишував. Има или не совест во СДСМ не знам. Не сум кандидат, прилично сум искрена и не сум лична. Но, јас не сум Дон Кихот сама да се борам со ветерници. Секогаш кога изнесував забелешки, пред себе имав верба дека ќе охрабрам уште некој да се спротистави на пропаста што ја живеевме и нема да ја пуштиме низ вода надежта на реки студенти и граѓани кои во 2016-2017 година маршираа низ улиците на градовите низ целата држава жедни за праведно и просперитетно општество. За жал, тоа не се случуваше или барем не навреме. И затоа денес СДСМ е со 150.000 гласови доверба и историски дебакл. Сметките на голем дел функционери се дебели, а надежта на граѓаните многу тенка. СДСМ оди по пат од кој нема враќање, а тоа не е добро не само за СДСМ, туку пред се за државата, заклучува поранешната пратеничка.

„Бојкотот“ на дел од делегатите го одложи отчетниот конгрес на СДСМ по дебаклот на претседателските и парламентарните избори на 8-ми мај. Партијата којашто ја почна постапката за избор на нов лидер викендов не успеа да го заокружи конгресот, кој беше закажан со цел да се анализираат лошите изборни резултати и да се утврдат следните чекори со цел заздравување на партијата. Засега е неизвесно кога конгресот ќе продолжи, но дел од членовите и кандидати за нов партиски лидер сметаат дека станува збор за преседан и револт на незадоволното членство.

Пратеничката на СДСМ и потпретседателка на партијата во заминување, Сања Лукаревска тврди дека Конгресот е одложен поради потребата да се анализира обемниот извештај, тој ќе продолжи. И покрај тоа што голем број од делегатите не присуствуваа, таа смета дека не се случил „конгресен дебакл“ и дека не станува збор за бојкот.